Дискриминацијата и нерамноправноста меѓу жените и мажите, непостоење на идентификација на предрасудите и родовите стереотипи, незаинтересираноста и непрофесионалниот пристап на службениците во институциите, во однос на жените-жртви на семејно насилство, недостаток од водење разговор со жртвите на семејно насилство..., се некои од причините кои го следат проблемот со дискриминацијата и насилството врз жените од институциите на системот.Ова е само дел од наодите во документите за политики на три различни теми: Самохраните мајки – жртви на мултиплицирано насилство, “Граѓанско образование” за родова рамноправност – промена на наставната програма за осмо одделение и Здравствена заштита во затворите во Република Македонија, со посебен акцент на здравјето на жените.
На денешната презентација на истражувачка работа на трите групи, во рамки на Првиот форум за родова еднаквост, во организација на Фондацијата "Фридрих Еберт“ и „Прогрес“ - Институт за социјална демократија, презентирани беа трите документи за политики кои беа подготвени изминатата година.
Како што беше презентирано денеска, со експертска поддршка, со споделување на практични искуства и континуиран дијалог со сите релевантни чинители од академската и професионалната заедница, проектот овозможи подлабоко проникнување во родовите аспекти и креирање на предлози и документи за политики на теми, кои тие ги издвоија како приоритет во сферата на родовите проблематики во Република Македонија.
Во наредниот период се очекува, авторите и авторките на презентираните документи, да лобираат, да ги застапуваат и да се залагаат да се преточат во пракса.
M. T.