Од „Дневниот центар за деца на улица“ од Шуто Оризари немаат доволно средства да обезбедат очила за пет деца кои се без соодветна родителска грижа и без потребното социјално и здравствено осигурување. Цената на очилата за сите пет деца чини 6.500 денари.
За овој проблем се консултиравме со офталмологот Галина Димитрова која не информираше дека децата се со далекувидост која доколку не се третира навреме, може да предизвика трајно оштетување на видот.
„Јас сум офталмолог, правам очни прегледи, а не општи. Дотолку не се третира хиперметропијата навреме, може да се предизвика трајна слабовидност, всушност „мрзливо око“. Тоа што успеав да го забележам е дека повеќето деца беа со воспаленија на дишните органи. Имаше многу деца кои доаѓаат боси, иако во центарот им даваат чорапи, секогаш кога ќе дојдат, се боси. Она што е најлошото е што просториите каде се работи со децата немаат парно греење, а топлотните тела кои ги има не се доволни за да се загреат просториите“, вели Галина Димитрова, од Очното одделение при Градската болница „8 Септември“, за Цивил Медиа.
ЦИВИЛ – Центар за слобода собира средства за очилата кои им се потребни на овие деца со оштетен вид. Ги повикуваме сите хумани граѓан(к)и, доколку сакаат да одвојат парични средства, да се јават на броевите на нашата организација или на телефонскиот број на Дневниот центар за деца на улица: 02/651-636.