„Имавме долго лето, и ние како организација, и граѓанките и граѓаните на Република Македонија кои беа ставени во ситуација да исчекуваат решенија од тешката политичка криза во која се најде земјата. Благодарение на дипломатската интервенцијата на меѓународната заедница и на домашната јавност, четворицата лидери седнаа на преговарачка маса и тие преговори се уште траат. Тие преговори се зад затворена врата, но секако дека останатиот дел од јавноста, експертска, граѓанска, како и сите останати засегнати страни во земјата, можат и повикани се да дадат свој конструктивен придонес во решавање на битните проблеми во Република Македонија, кои се однесуваат на политичкиот процес, меѓутоа најмногу од се, на изборниот процес за престојните избори во 2016 година“, рече претседателот на ЦИВИЛ – Центар за слобода, Џабир Дерала, на јавната дискусија на тема „Како до слободни избори: Искуствата на Хрватска и Македонија во компаративна перспектива“ што ЦИВИЛ – Центар за слобода ја организираше во ГЕМ Клубот во Скопје, на 31 август 2015.
Дискусијата, на која присуствуваа повеќе претставници на меѓународната заедница (дипломати и странски организации), на граѓанското општество, на експертската јавност, медиуми..., е дел до проектот „Моето гласачко право“, чија цел е јакнење на јавната свест, едукација и мобилизација на граѓан(к)ите за подобрување на изборните процеси во Република Македонија, засновани на демократски стандарди наспроти изборните нерегуларности.
„Ние во текот на летото, како и други граѓански организации, упативме многу апели, направивме повеќе анализи, коментари и испративме голем број препораки со што се обидовме да придонесеме кон тој процес. Овој настан е само уште еден придонес и уште еден обид, во сета низа од напори, да го нормализираме општеството во Република Македонија. Ова денес, го организираме во рамките на проектот што трае подолго време, уште од јануари, под наслов, „Моето гласачко право“ и кој го помага Програмата за граѓанско општество на УСАИД, имплементирана од Фондацијата Отворено општество на Македонија.
Би сакал денес да работиме на оваа тема со нашите уважени гости од Хрватска, пред сé, од ГОНГ, организација со која соработуваме и која донесе експертиза, многу знаења и многу препораки во нашата организација, а со која работевме во текот на викендот и пред тоа: Се разбира, ќе продолжиме и понатаму.
Драган Зелиќ е претставник на ГОНГ, а Александра Јозиќ-Илековиќ е претставничка на хрватската Влада на некој начин, односно, таа е советничка на министерот Министерството за управа на Република Хрватска.
Со нас е и професорот Љубомир Фрчкоски, кој ќе ни ја пренесе перспективата од македонска страна, за изборите и за изборните искуства, за тоа што се случува и што би требало да се случи“, рече претседателот на ЦИВИЛ, Дерала, во воведниот говор на настанот што се одвиваше под мотото „Влезот е слободен, излезот е возможен“.