По повод распишувањето на локалните избори, ЦИВИЛ – Центар за слобода уште еднаш потсетува на обврските на институциите и учесниците во изборната трка дека мораат до максимум да ги почитуваат демократските стандарди за спроведување слободни избори.
Во досегашното набљудување и анализите на политичките процеси во изборен контекст и пошироко, ЦИВИЛ констатира низа сериозни проблеми и недостатоци. Доколку не се отстранат недостатоците, тие силно ќе се одразат на денот на изборите и ќе ги загрозат гласачките права на граѓанките и граѓаните, како што тоа беше случај во голем број изборни процеси во минатото.
Од досегашното набљудување, ЦИВИЛ нотира дека предизборната кампања е започната далеку порано, пред датумот на нивното официјално распишување. Ги потсетуваме политичките партии дека, според Изборниот законик, кампањата трае 20 дена пред денот на изборите и тоа е сè!
ЦИВИЛ повеќепати предупреди дека општинските ресурси се злоупотребуваат во изборен контекст. Политичката корупција, националистичката реторика, притисоците врз гласачкото тело и низа други појави се нотирани низ целата земја. Овие состојби се особено видливи во медиумите и на социјалните мрежи.
Реформите и демократизацијата на земјата се наоѓаат на самиот почеток, така што не може да се очекува од нив да профункционираат за толку кратко време, но мора да се вложат максимални напори и политичка волја на сите засегнати страни, изборниот процес да биде слободен, фер и демократски.
Избирачкиот список останува да биде голем предизвик за Државната изборна комисија, како и на другите релевантни институции кои треба да придонесат кон неговата ревизија. Јавноста нема доверба во Избирачкиот список, што е дополнителен проблем со кој треба да се соочи ДИК. На денот на гласањето во декември 2016 година, илјадници граѓанки и граѓани не можеа да го остварат своето гласачко право, а не постоеше систем да се адресира овој проблем, а штетите да се санираат. Тоа не смее да се повтори! Сè уште се свежи сеќавањата на локалните избори во 2013 година. Не смее да се повтори ни Пустец!
Искуството на ЦИВИЛ од теренот покажува дека избирачките одбори недоволно ја познаваат својата работа, а да не говориме за тоа дека дел од нив работат строго под партиски диктат. Неопходните реформи во изборниот систем, проблемите со бројот на гласачи во изборните единици, жалбените постапки, ингеренциите... Сето тоа се дополнителни предизвици со кои допрва ќе треба да се справат институциите, а најмногу ДИК.
Да се надеваме дека Парламентот и институциите знаат подобро од нас во која состојба се наоѓаме и колку се во состојба да спроведат слободни избори во октомври. Најважно од сè е да се запомни обврската на државата, а тоа е да обезбеди максимални услови за граѓанките и граѓаните да гласаат слободно, без притисоци и страв.
ЦИВИЛ ќе продолжи со засилен мониторинг низ целата земја и ќе ги стави на располагање сите свои ресурси и експертизи на располагање на јавноста и институциите.
Оваа вест е достапна и на: English