ДУИ и ДПА, во обид за бегство во победа од поразот и одговорноста

ДУИ и ДПА мајсторски ја играат играта за релативизирање на одговорноста за преполовување на нивните гласови и мандати, како резултат на слугувањето на непријателот на Албанците, Груевски и неговите началници - што, всушност, и им  го донесе овој изборен пораз.

Пишува: Петрит Сарачини

Пишува: Петрит Сарачини

Игра за спасувањето на „газдата“, но и на кожата на вазалите, се одигрува, меѓу другото, преку ставање во игра и меѓусебни кавги на моралните победници на овие избори, Движењето Беса и „Алијансата за Албанците“. Дури, како што гледаме, оваа кавга и овие партии стануваат главна тема на дебатата во медиумите и на социјалните мрежи.

А чуму тоа? Па, нели, ДУИ и ДПА имаат и самите мандати за да направат влада, без разлика дали со ВМРО (бидејќи тоа, како што гледаме, е исто така опција на масата, и покрај 90% од Албанците кои се против), или со СДСМ? Од каде доаѓа оваа широкоградост и канење на „малите" на масата, оваа братска љубов откриена по изборите?

Да Ви каже Младичот со кристалната топка. Доаѓа од обидот за споделување на одговорноста, или за бегство од одговорноста за заедничкото владеење со Груевски, кое ни ја донесе оваа мизерија, во секој аспект.

Одговорноста за убиствата, затворањата, злосторствата и криминалот, за кражбите, партизацијата на државата, бедата во економијата, за здравството, образованието, невработеноста, за бегањето во странство на стотици илјади млади луѓе, за Куманово, Бродец, Енциклопедијата, „Скопје 2014“, за "проектот" 3-5.000 евра мито за работни места, за животот без водовод, канализација, пат, за „Индијанците, за фаќањето за врат на Албанците... И, сето тоа, сега мора да биде покриено со патриотска реторика, со барања и ултиматуми кои не може да се реализираат. Не со овој изборен резултат. И секако, не со Груевски, кој го користи антиалбанството, како главна алатка за градење на политиките на неговата партија.

Да Ви повтори Младичот. Првиот чекор за да се исполнат барањата на Албанците е да се скршат Груевски и криминалците. Да се заштити СЈО. Да започнат судските постапки на СЈО за „Монструм“, „Сопот“, за изборниот криминал... Откако ќе видиме некои од криминалците зад решетки, а за тоа нема да биде потребно повеќе време доколку Груевски и МВРО се развластат и остават во опозиција, потоа, албанските политички партии можат да водат политика и да бидат цврсти кон секого кој сака да ги заобиколи или потчинува Албанците во Македонија.

Ако го направат тоа, лесно може да се вратат десетиците илјади гласови на Албанците што отидоа на друго место - само затоа што не сакаат да гласаат за оние, коишто во кампањи, по митинзи и медиуми, зборуваат против Груевски, а во реалноста - седат со скрстени нозе во неговиот скут.

Како што се одвиваат работите, мошне е веројатно да се случи губитниците да победат, а победниците да загубат. Нé очекуваат нови избори наскоро. А кога сме кај изборите, едно е сигурно, Албанците покажаа дека знаат да избираат. Политичарите - Албанци, но и Македонци, треба да го имаат ова предвид.

Оваа вест е достапна и на: Albanian