Во очекување на официјален старт на преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за формирање нова влада, ниту од ВМРО-ДПМНЕ, ниту од ДУИ, не добивме вистински одговор околу позициите на двете партии. Од ВМРО-ДПМНЕ воопшто не одговорија на повиците и пораките, а шефот на кабинетот на Али Ахмети, лидерот на ДУИ, Артан Груби одби каков било коментар на прашањата околу ставовите на ДУИ во текот на преговорите.
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ синоќа му даде полн легитимитет на претседателот на партијата, Никола Груевски, за започнување на разговорите за состав на нова Влада. Како што стои во партиското соопштение, ВМРО-ДПМНЕ ќе води принципиелни разговори.
„Во анализата на изборните резултати, беше заклучено дека граѓаните на овие избори го поразија СДСМ и испратија јасна порака дека не прифаќаат политика на деструкција и партија чие раководство функционира според мафијашки принципи“, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Раководството на ДУИ, попладнево во Мала Речица ќе расправа за позициите со кои ќе настапи пред преговорите Ахмети- Груевски.
„Имам состанок“, гласаше одговорот на Артан Груби, шефот на кабинетот на Ахмети, на поставените прашања од ЦИВИЛ Медиа.
Но, Африм Гаши, генералниот секретар на Беса, отворено изјави дека оваа партија нема да ги поддржи разговорите за формирање на нова влада и дека нема да седне на заедничка маса со ВМРО-ДПМНЕ.
„Нема да преговараме со ВМРО-ДПМНЕ, зашто има политичари за кои се во тек кривични процеси. Ако ДУИ се договори со ВМРО-ДПМНЕ, Беса ќе оди во опозиција, но и натаму останува на точките од Платформата. Така што, за сите прашања за коишто сметаме дека кореспондираат со нашата програма и се дел од усвоената Платформа, ќе гласаме позитивно во новото Собрание, но како опозиција“, изјави Гаши за ЦИВИЛ Медиа.
Зулфи Адили од Унитети, категорично изјави дека партијата стои зад точките од усвоената Платформа.
„Дополнително, на заедничка средба со партиите - членки на 'Алијансата за Албанците', ќе ги договориме ставовите околу евентуално учество во влада со ВМРО-ДПМНЕ“, изјави Адили.
Иако нагласи дека Унитети е против коалицирањето со политичари за кои се водат кривични предмети, не конкретизираше дали Унитети како партија, е подготвена да биде собраниска опозиција, доколку ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ги договорат позициите за нова в лада.
Моника Талеска