Мојата војнички дисциплинирана интуиција „знаеше“ дека ќе заврши мојата голгота - со отказ, некако, по некој основ... Барањето за неплатено отсуство - игнорирано, барањето за годишен одмор – игнорирано, дисциплинска постапка за „уривање на угледот на АРМ“ (нели, внатре сé одлично функционираше, па јас, измислував, за да се одмаздам...). Глупости, ефтини и најдолни.
Почетокот на 2016-тата не беше нешто особено добро на кое се сеќавам: политичка и лична криза, криза во целата држава, во државната администрација, поточно, Министерство за одбрана. Колега со колега се гледаат попреку и се „тужакаат“ по штабови, зошто, нели, кога ќе се надмине кризата, не дека министри ќе ги стават, ама ќе си добијат по некоја ситна бенефиција заслужена по партиска линија. Негодувања и лицитации која партија повеќе крадела, дали само едните треба да одговараат, или и тие од 1990-тата наваму, исто така, треба да одговараат за приватизацијата. Кој од кој тим е посилен, исчекување на имплементацијата на Договорот од Пржино... Цела администрација во исчекување, едниве за ослободување од будните очи на режимските потрчковци, другиве, надевајќи се дека ќе дојдат нивните, десет години очекувани - „пет минути“.
Атмосфера најмалку професионална, зашто, тој е од нашите, онаа е од нивните, ова барање/предлог нема да помине затоа што не си од нивните, неважна е идејата, издржаноста на барањето... И конечно, аболиција, конечно граѓански протести. Конечно, „унапредување“ во кујна, како сменоводител во касарната во Кичево. Никој изненаден, сите исплашени, молк во Министерството... Некои и горди на режимската рака, на тоа што му одржаа лекција на еден ситен референт и ракувач со 15 години стаж, на чии протести треба, на чии не треба да се оди. Опоменувани колеги - ако веќе решиле да одат на граѓански протести, да бидат во последните редови, многу да не се фотографираат, многу да не постираат, контактот со мене да им биде сведен на минимум. На контрапротести – присуството е задолжително, што би рекол мој колега – да се биде таму, за секој случај. Блокирана телефонска картичка, блокирана картичка за влез во зградата на Министертвото.
Одел за психијатрија, психолози, лекарства, ходници, мој термин - твој термин, комисија за продолжување на боледување, матичен доктор... Период на станување во 05:00, брзање со такси да не се испушти организираниот превоз. Во организираниот превоз до Тетово, јас и возачот, прв коментар: „Што ја згреши, што си во автобусот?“ .До Тетово - никој жив, потоа, некои колеги - по казна исто испратени, најголем број професионални војници – многу „лајкале“, многу гласни биле, многу се бунеле... Тоа воено лице не смее да го прави, иако преживува од месец за месец, работи во катастрофални услови, со нередовни дневници од граница, нередовна исплата на додатоци што му следуваат со Законот за служба. Конечно, укинување на организираниот превоз за некои градови, сите со приватните автомобили уредно во 7:50, на работа, нервозни и незадоволни.
Поплавите исто така, ја одбележаа годината. Научна студија верувам дека некој ќе напише со наслов „Како нефункционален државен систем и експремиер организира спасување на населението загинато од пороен дожд“. Народот исплашен, со трауми, со смртни случаи на блиски, моли за шише вода и леб, деца молат за свеќи... Крв, фекалии, тела на мртви животни, кал насекаде, слика полоша од некои делови од Калкута. Добиток пуштен од стадата се движи неконтролирано по обиколницата. Црвениот Крст не е надлежен да носи храна по најзагрозените домови, Дирекцијата за заштита и спасување - без пумпи, не знаат каде се загубиле, АРМ - без заштитна опрема, со рацете во џебови. Си мислев навечер, кого повеќе да мислам, дали децата боси што шетаат по дворовине загадени, дали животните загинати, дали луѓето со изгубени блиски, како ли спијат пак, на дождот – сигурно се плашат, дали колегите и административците, пуштени без навигација и заштитна опрема...
Земјотресите ги почувствував доста силно, бев кај моето семејство во „Ченто“. Посилни и поблаги земјотреси, дали се афтершокови, дали се најава за голем земјотрес? Неспиење со денови, секако, автобусот во 05:50 ч. ме чека, доцнење не смее да има, нема мене да ме чека...
Надеж постои, избори се ближат ќе се среди политичката криза. Сите блиски со совет: ,„Издржи, еве го каде е 11 декември, ќе се свртат работите“. Среќа, мојата интуиција е дисциплинирана и точно знае дека каде и да е, ќе заврши мојата голгота. И ќе се заврши, со отказ, некако, по некој основ... Барање за неплатено отсуство - игнорирано, барање за годишен одмор – игнорирано, дисциплинска постапка за „уривање на угледот на АРМ“ (нели, внатре сé одлично функционираше, па јас, измислував, за да се одмаздам)... Глупости, ефтини и најдолни.
Двете екипи вооружени со рекламна опрема – пенкала, тефтерчиња, маички, запалки, програми... секако, за доброто на граѓаните, сите на терен... Цела држава фокусирана на избори, сé замрзнато до избори и до решавање на кризата.
Вечерта неизвесност, и одеднаш победа над режимот – славење пред Влада. Лица познати од протести, сите среќни, во шок и неверување, весели во слободата која се чувствуваше во воздухот, некои два–три часа за кои можам да кажам дека беа најдобрите и највесели часови, во цела 2016 година.
Посакувам, сите граѓани да се чувствуваат така, во целата 2017 година! Слобода, пад на режимот, професионална администрација, без закани и без прекоманди во 2017. Среќна нека ни е!
(Авторката е активистка)