Две деца починаа од грип, уште едно е во тешка состојба!

Две деца починале од енцефалитис, компликација на вирусот на грип, неколку други деца се хоспитализирани во тешка состојба, а околу 150 деца вкупно се на болничко лекување, поради компликации од грип. Ова е состојбата на Клиниката за детски болести во Скопје, каде што на почетокот на годинава починале двете дечиња, едното од Гостивар на возраст од четири, а другото од Кичево, на возраст од три години. Веста дури денеска беше достапна и предизвика турбуленции во македонската јавност.

Клиника за детски болести

Од Клиниката за детски болести се категорични дека на децата по приемот им е дадена потребната терапија, но сепак, тие им подлегнале на компликациите што ги предизвикал вирусот на грип.

„Двете деца имале претходна историја на хронични заболувања. Пружена им е соодветна медицинска помош, даден им е и 'тамифлу'. Поради влошување на состојбата и затајување на дишењето, ставени се на интензивна нега, но сепак, егзитирале. Енцефалитисот како компликација од грипот е причина за смртта на двете деца“, информираат од Клиниката за детски болести во Скопје.

Неколку други хоспитализирани деца се во тешка состојба, но, во фаза на оздравување, како што велат од Детската клиника. Оттаму потенцираат и дека лекот „тамифлу“, којшто е дел од задолжителната терапија за грип, го има во доволни количества.

Според неофицијални информации, сепак, „тамифлу“ нема на Клиниката за инфективни болести!

Смртта на двете дечиња, како последица на вирусот на грип, беше причина за бројни реакции на граѓаните до ЦИВИЛ Медиа.

„Како може во 21 век, да починат две деца од вирусот на грип? Зарем треба да има смртни случаи, како последица на компликации од грип? Особено кога се работи за деца и за хронични болести. Требало ли тие деца да се хоспитализираат веднаш, направиле ли превид докторите кои биле вклучени во нивното лекување?“, реагираа бројни граѓан(к)и, како и родители на мали деца, сериозно загрижени поради катастрофалните состојби во македонското здравство.

Никола Тодоров, министер за здравство

Одговор на овие прашања и точна информација дали годинава е навреме распишан тендер за „тамифлу“, побаравме и од министерот за здравство Никола Тодоров. По многу неуспешни обиди да стапиме во контакт со Одделот за односи со јавност, во ресорното Министерство, од кабинетот на Тодоров, добивме ветување дека ќе одбиеме одговор на испратените прашања на мејл.

Ги очекуваме!

Денеска Социјалдемократскиот сојуз на Македонија реагираше и повика на одговорност, зашто Македонија е меѓу првите две земји во Европа според бројот на заболени од грип!

„Недозволено е институциите да кријат информации од граѓаните, посебно ако се однесуваат на нивното здравје! Неодговорните власти во заминување, од јавноста со денови криеле два смртни случаја на деца од грип. Според наши информации, на Клиниката за детски болести во критична состојба е уште едно дете. Итно се потребни одговорни институции и граѓани на Република Македонија, што ќе се грижат за нивното здравје и нивните реални потреби“, повикуваат од СДСМ.

Моника Талеска