Битола е најзагаден град во Европа, во првата половина од 2016 та година! Ова го покажа најголемата база на информации собрани од корисници кои даваат информации за градови и држави во светот - Numbeo.
Чистата животна средина беше дел од ветувањата во Програмата на градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески, за периодот од 2013-2017 година.
„Преку спроведување најразлични мерки и активности за заштита и спречување на загадувањето на водата, воздухот и почвата, како и управување со отпадот, ќе придонесеме за заштита на човековото здравје, зачувување на природните богатства и подобрување на квалитетот на живот“, стои во програмата на Талески.
Првото место кое го држи Битола, како град со најзагаден воздух во Битола, е доказ дека ветувањето на градоначалникот Талески и по три години од неговиот трет мандат, се уште не е остварено.
ЦИВИЛ Медиа разговараше со Илија Балтовски од граѓанското здружение „За нас се работи“, како организација која во изминатиот период организираше повеќе протести, трибини, прес-конференции на кои укажуваше за проблемите со загаденоста на воздухот во градот.
„На овој начин, уште еднаш се потврди тоа што 'За нас се работи', постојано во изминатите две години го укажуваше и апелираше, а градоначалникот го оспоруваше - е навистина така. Тој во една саркастична изјава во јануари изјави 'Како ќе си горите, така ќе си дишете'. Потврда за тоа беа и резултатите од независната лабораторија, дека воздухот во Битола во некои денови е загаден и 18 пати над дозволеното, но тоа за Талески не беше доволно. Сигурно, според него, и овие последни податоци не се релевантни и се платени од Сорос“, изјави Балтовски.
Како што тој истакна, „За нас се работи“ продолжува и во следниот период да работи во рамки на своите надлежности, а тоа е да организира протести, но не се исклучува и порадикален пристап.
Резултатите објавени од Numbeo го вклучуваат загадувањето на воздухот, водата, почвата...
На листата најзагадени градови во Европа, веднаш по Битола се наоѓа Скопје, по што следуваат Турин, Киев и Барселона.
Марија Теговска