Кон текстот „Невладината организација Цивил грубо излажа, а Геровски преку своите медиуми тоа го злоупотреби“ и другите текстови во тој контекст, објавени на веб страната на ВМРО-ДПМНЕ на 26.03.2014
Без намера да се впуштаме во нова низа деманти и препирка со политичка партија која, освен што е на власт, воедно е и учесничка во изборен процес, сакаме да ја известиме јавноста дека нашата улога на набљудувачи на изборниот процес ќе ја извршиме чесно и непристрасно како и секогаш. Поддршката, одобрувањето и големата доверба која ни ја укажуваат граѓан(к)ите во секојдневните контакти, за нас се голема одговорност и поттик да останеме доследни на нашата мисија.
Нема потреба од убедување околу нешто што сите го знаат: никогаш не сме биле испостава на некоја партиска структура, ниту некогаш сме биле пара-владина организација.
Што се однесува до донаторите на Цивил, на истите донатори на кои им пристапивме ние, им пристапуваат и низа други организации на граѓанското општество. Оваа влада сега, како и оние во минатото, добро знаат како изгледа тоа. Владата, која и да е, бара финансиска поддршка од истите донатори на кои им се обраќаме и ние. Некогаш тој одговор е позитивен, а некогаш негативен.
Зачудува остриот тон на ВМРО-ДПМНЕ, грубиот речник, непримерните квалификации и етикетирањата директно насочени против нашата организација. Дали ова треба треба да го сфатиме како смислена форма на притисок врз нашата организација и набљудувачите на изборниот процес? Дали ова е обид за замолчување.
Од партија која е на власт очекуваме да овозможи непречена работа на нашите набљудувачи и дека ќе ја сфати нашата работа како неделива од демократскиот процес наречен избори.
Во демократски дух и со искрени и добри намери, дозволете ни да ја искористиме оваа можност на сите учесници во изборната трка да им посакаме успех, а на сите граѓанки и граѓани на Република Македонија да им посакаме слободни и фер избори 2014.
Нема да дозволиме нападите врз нас да ни ја поколебаат определбата да останеме непристрасни, посветени и доследни.
Уште еднаш апелираме до сите граѓан(к)и на Република Македонија да се воздржат од незаконски и нелегитимни постапки во текот на изборниот процес, а доколку такви појави забележат, да се обратат во Цивил. Ние сме на располагање да ги споделиме сите релевантни информации со пошироката јавност.
Џабир Дерала
Претседател на Цивил