Ноќта во петок кон сабота, на 30 октомври 2021, во првата минута по почеток на изборниот молк, еден интернет портал го прекрши изборниот молк, спротивно на Изборниот законик, известувајќи во живо на социјалните мрежи и на веб страницата за наводни активности за предизборен поткуп во Охрид.
Во јавувањето во живо, две лица што објавуваат содржини за неколку традиционални и онлајн медиуми, посочија припадници на една политичка партија како организатори на наводен поткуп. Иако партијата не беше директно именувана, двете лица зборуваа за нејзините партиски бои и направија опис со јасен опис со што го открија идентитетот на посочената политичка партија. Тоа претставува прекршување на правилата за медиумско известување за време на предизборниот молк и кршење на Член 76-Б од Изборниот законик.
Двете лица, освен лични согледувања, не понудија никакви докази за овие наводи и за други обвинувања изречени за време на јавувањето во живо на сметка на други ентитети.
Инаку, ова јавување не е прво од ваков вид за овој интернет портал, кој на сличен начин го кршеше изборниот молк во првиот круг на локалните избори, тогаш спомнувајќи експлицитно и имиња на партии. Но, и индиректното опишување на партиите кои јасно го откриваат идентитетот на партијата и навивачкото известување е подеднакво грубо кршење на Изборниот законик.
ЦИВИЛ ќе објави детали од овој случај, по завршување на молкот во недела во 19 часот. За случајот ќе бидат известени и меѓународните набљудувачи. ЦИВИЛ ги повикува надлежните органи да реагираат со соодветни постапки, и им стои на располагање со материјали и докази за овој случај.
Сите информации и извештаи од теренот подлежат на темелна проверка од Тимот за аналитика при ЦИВИЛ. Откако ќе се утврдат и потврдат сите факти, извештајот се предава на Редакцијата ЦИВИЛ МЕДИА и на Тимот за односи со јавноста за понатамошна комуникација и објавување.
ЦИВИЛ
Оваа вест е достапна и на: English