ЕСЕНСКА ОФАНЗИВА НА ЦИВИЛ

Цивил- Центар за слобода ги информираше медиумите за активностите и ставовите на повеќе теми во кои беше инволвиран во текот на летото, а воедно ја најави и есенската офанзива

002 (Large)Цивил на денешната (понеделник, 23.09.) прес-конференција одржана во Клуб на новинари, информираше за својата „есенска офанзива“. Претставниците на Цивил посебно се осврнаа на проектите „Проговори“, „Сите бои на мојата земја“ и „Избери демокртија“.

Проектот „Проговори“ е проект на независни уметници и интелектуалци за човековите права и солидарноста. Со своите дела креативците ги обработуваат мотивите кои произлегуваат од проектот и се претставуваат со дела кои се поглед на состојбите и процесите во општеството. По арт перформансот „Ние сме вистината“ на Џабир Дерала, еден поинаков поглед на реалноста преку своја креативна форма ќе ни понуди и Мирослав Стојановиќ- Шуки. На 27 септември, петок, со почеток во 20 часот, тој ќе ја претстави својата изложба наречена „Empathy with the Dead“ (Емпатија со мртвите).  Со свои уметнички дела во октомври ќе се претстават и Маја Стефановска, Александра Маја Милошевиќ, Харалд Шенкер и Џабир Дерала. Под заедничкиот наслов „Стихови на слободата“ ќе настапат поети и поетеси од целата земја. Продукција на документарен филм, публикации и низа други настани се предвидени до крајот на проектот во декември оваа година. Платформата на „Проговори!“ е отворена за сите уметници кои застанале во одбрана на човековите права и слободи.

Проектот „Сите бои на мојата земја“ е наменет за едукација на деца и млади за човековите права и толеранцијата. Во рамките на овој проект Цивил веќе го организираше и првиот Отворен ден во Општина Карпош и тоа на Меѓународниот ден на мирот, на 21 септември. Децата и младите цртаа и сликаа на тема човекови права, толеранција и ненасилство. Воедно, падна и првата клапа од документарниот филм на екипата на млади кои се формираше од Летната школа за камера, филмска продукција и водеоактивизам на ЦИВИЛ.

„Избери демократија“ е проект за јакнење на јавната свест и граѓански активизам за човекови права, толеранција и солидарност, поддржан од Програмата на УСАИД за граѓанско општество. Меѓу планираните активности на проектот кој ќе се реализира до март, 2014 година, се и формирање работни групи за човекови права, продукција на кампања за јакнење на  јавната свест и органзизирање јавни настани за граѓанскиот активизам во четири града (Скопје, Тетово, Битола и Велес).

По повод глобалната недела за акција против оруженото насилство и Меѓународниот ден на мирот, Цивил- Центар за слобода, на 18 септември во Сoбрaнието на РМ поднесе поднесе иницијатива за прогласување на Меѓународниот ден на мирот (21 септември) и Меѓународниот ден на човековите права (10 декември) за национални празници во Република Македонија. Со поддршка од МВР-БЈБ-Центар за обука се одржаа предавања за ризиците од оруженото насилство во скопските средни училишта.

Цивил – Центар за слобода ја следи политичката состојба во Македонија, особено во поглед на засилените предизборни активности на партиите кои го одбележуваат овој период. Наспроти постојаниот пад на квалитетот на животот и вредностите Цивил- Центар за слобода останува посветен и подготевн јавно да ги лоцира вистинските проблеми, но и вистинските причинители за политиките кои грубо ги кршат човековите права, предизвикуваат поделби и ги загрозуваат безбедноста и развојот на Република Македонија.

Print Friendly, PDF & Email