ЕТНО-ПОЛИТИЧКА НЕПОДОБНОСТ

Петрит Сарачини

Неколкупати сум пишувал и предупредувал за проблемот со нефункционирањето на медиумскиот пазар. Причините не се само етнички, туку и политички, а честопати етно-политички.

Не е само проблемот до Телекабел што не го пушта Алсат М. Оваа телевизија не ја пуштаат кабелашите речиси никаде во источниот дел на Македонија и во било кој друг крај на Македонија каде Албанците се во помали бројки. Слично е со некои од телевизиите на македонски, онаму каде Македонците се во незначителни и помали бројки. Слично е, на пример, и со ТВ 24 Вести. Има многу оператори што не ја пуштаат оваа телевизија, поради "политичката" неподобност, маскирана како "пазарна" неподобност, нели?

И на "пазарот" на печатените медиуми е исто. Да ве потсетам, дневниот весник "Фокус" не се продаваше во одредени ланци на маркети. Некои дистрибутери не дистрибуираат некои печатени изданија. Ретко ќе најдеш весник на албански во Капиштец, или обратно, весници на македонски селективно се продаваат онаму кадешто доминантно живеат Албанци. Во светот на интернетот - се слуша дека во голем број на институции и фирми можеш да пристапиш до некои сајтови, а до некои не.

Па така, дојдовме во ситуација каде оној што одредува која содржина стига до читателите не се самите читатели, уредниците или новинарите, туку дуќанџиите, кабелашите, дистрибутерите, газдите и политичарите.

Чаре? За охрабрување е размислувањето на Советот за радиодифузија, ако треба и со законски измени да им се наложи на кабелашите да ги емитуваат сите оние кои добиле дозвола од СРД да емитуваат програма.

Истото чаре треба да се примени и во печатот, и во интернетот. Ако си трафика или маркет, тогаш ќе ги продаваш сите печатени изданија, под еднакви услови (маржа) за сите. Ако како работодавец рестриктираш сајтови за да не го трошат вработените времето залудно, треба да се рестриктираат сите, а не само "неподобните". Решенија има еден куп, само треба воља. И тоа кај оние кои водат политика и институции. Ете, на пример, имаме закон, а богами и комисија за заштита на конкуренцијата. Ред е да почне да работи и да обезбеди еднакви услови за сите на пазарот. Во спротивно, наместо пазар, ќе продолжиме да живееме во нашиот акшам пазар.

А информацијата не е стока која ја конзумираш, ја вариш и потоа празниш во ќенеф. Информацијата обликува луѓе, ставови, општествени вредности и култура. Информацијата не е паштета што се става во рафтот на продавницата, а медиумите не се гранапчиња што продаваат салами и паштети. Што побргу го разберат институциите (а и сите ние) ова и се раатисаме од гранапче-логиката во медиумскиот простор, тоа подобро.

(Авторот е уметник, новинар, медиумски експерт и активист за човекови права.)