Фрчкоски: Демократските институции се киднапирани!

Професорот на Правниот факултет од Скопје, д-р Љубомир Фрчкоски, беше еден од воведничарите на јавната дискусија „Како до слободни избори: Искуствата на Хрватска и Македонија во компаративна перспектива“, организирана од ЦИВИЛ – Центар за слобода во рамки на проектот „Моето гласачко право“. На дискусијата присуствуваа повеќе претставници на меѓународната заедница, на граѓанското општество, експерти и медиуми.

„Не може оваа политичка гарнитура на авторитарен популизам да се урне со нормални демократски инструментариум, бидејќи тој е украден. И ќе ви илустрирам зошто е невозможно тоа да се направи. Имаме добри позиции со меѓународните експерти и поради тоа што Македонија е сепак, важна држава, не може да ја игнорираат премногу. Но, без робусна меѓународна интервенција, не е возможно да се изм’кне процесот. Тој само шлајфува, и фактички, само го засилува диктаторот“, изјави д-р Фрчкоски објаснувајќи ја политичката состојба во која се наоѓа Македонија.

Тој смета дека Македонците не се научени да се борат за своите права: „Сега тргуваат со своите права - за безбедност. И тоа го искористија мангупи кои знаат да владеат. Ние првпат се бориме за нашите права! Ние првпат формираме граѓански коалиции со Албанците! Првпат заедно! Ние мора да се испотиме малку за сопствената слобода! Ќе заглавите во диктатура ако тргувате со своите права! Ако не ги цените, ако ги давате така лесно, ако одговарате како оние луѓе во контракампот - “Тој си знае“. Е, па, ако си знае, ќе ви ја скрои капата!  Како бе, тој си знае што прави? Не. Ние треба да си знаеме што правиме и да се бориме за сопствените права! Така го регулирате системот. Затоа е комплицирано да воведат диктатура во нормална земја“.

Корегирањето на избирачкиот процес, според професорот Фрчкоски, треба да започне со прочистувањето на избирачкиот список: „Изборниот список е наша траума! Тоа мора да се расчисти еднаш засекогаш. МВР надвор од изборите! МВР директно корумпира со производство на лични карти и второ, овозможува страв. МВР ги помага и ДУИ. Ги помага сите што се на власт. Според тоа – надвор! А потоа, еден коректен однос. Тоа е сериозна операција која ќе овозможи изборите да се горе-долу ОК“.

„Влезот е слободен, излезот е возможен“, беше мотото на дискусијата чија цел е пронаоѓање механизми за спроведување на слободни и фер избори наредната година, но и споделување на искуства за излез од политичка криза. ЦИВИЛ – Центар за слобода во текот на летово спроведе низа активности за јакнење на моќта на граѓан(к)ите во изборните процеси, запознавање со состојбите на гласачкото право и човековите права и слободи воопшто.

(Транскриптот од интегралното излагање на д-р Љубомир Фрчкоски погледнете го тука)