Специјалното јавно обвинителство, отвори нов случај “ТНТ”, во кој поранешниот премиер Никола Груевски е осомничен како нарачател на уривањето на објектот „Космос“ на бизнисменот и политичар Фиат Цаноски. Целта на уривањето на „Космос“, како што на денешната прес конференција, истакна специјалната јавната обвинителка Фатиме Фетаи, била одмаздата врз Цаноски, непосредно откако тој ја напуштил коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ и ѝ се приклучил на опозициската коалиција на СДСМ.
Никола Груевски и Миле Јанакиески преку градоначалникот Тони Трајковски, создале криминална спрега меѓу централната и локалната власт. Но, против овие функционери, поради аболицијата на претседателот Ѓорге Иванов, не е донесена наредба за почнување истрага.
Во овој момент, ќе одговара само градежната инспекторка од општина Гази Баба, која ја злоупотребила својата службена положба и по наредба на градоначалникот Трајковски, кој исто така е помилуван, ја извршила наредбата за уривање на „Космос“.
„Поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и други лица, заеднички со цел да му се одмаздат на Цаноски, искористувајќи ја нивната политичка моќ го принудиле градоначалникот на општина Гази Баба да најде начин незаконски да го сруши објектот на Цаноски“, изјави Фетаи.
Презентирани беа и серија фотографии од СМС преписки меѓу функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Пораките се доказ во кои детално се опишува целиот процес на организирањето на акцијата за уривање на објектот на Цаноски.
“Јавната набавка за рушење на објектот со експлозив била против законска и на тој начин направена била штета од 2.999.560 денари врз буџетот на Општината. Со уривањето на објектот, на инвеститорот му е нанесена штета од 14,8 милиони евра”, посочи Фетаи.
Тимот на СЈО денеска преку Фетаи испрати и заедничка порака до јавноста во која обвинителите порачаа дека не ги плашат заканите. „Ви ветуваме дека несебично ќе се бориме за правда. Правдата е врвен интерес на РМ, а не неказнивноста“, порачува СЈО.