„Нападот се случи за време на посетата на Никола Груевски, лидерот на ВМРО–ДПМНЕ во Крушево. Јас седев во локалното кафуле, кога ми пристапи вработен во Шумската полиција, член на ВМРО–ДПМНЕ со висока функција, и ми се обрати со пцости и закани - 'Ќе ти ја извадам душата!'...“, раскажа за ЦИВИЛ Медиа, долгорочниот набљудувач на ЦИВИЛ од Крушево, Сотир Габелоски.
„Ова е втор напад врз мене за период од два месеца од членови на ВМРО–ДПМНЕ кои високо котираат, особено кога станува збор за локалната власт во Крушево. Од локалната самоуправа и од самата партија ВМРО–ДПМНЕ не добив ни извинување, ни оградување од двата напада, истовремено, и институциите, како што е МВР, не се одлучуваат да преземаат тужба или нешто слично.
Случаите се пријавени, има два записника. За првиот настан, што се случи на крајот на април, добив писмено известување дека напаѓачите се усно предупредени. Се надевам дека и за вториот напад ќе има предупредување, но нападите продолжуваат врз мене како активист и критичар пред се на локалната власт во Крушево. Се работи за вербални напади и закани, а тоа остана така, затоа што јас сум повлечен и смирен и не предизвикувам ситуацијата да ескалира. Сите овие напади доаѓаат по сторијата која ЦИВИЛ ја објави за злоупотреба на службени возила во Крушево.
Секогаш се плашам од безумието на луѓето, на оние кои место зборот ја користат тупаницата! Но, тоа не е пречка да продолжам со мојот активизам, со соработката со ЦИВИЛ, како и да пишувам на , за тоа што се случува во мојот град“, ни изјави Габелоски.
ЦИВИЛ - Центар за слобода најостро ги осудува заканите, навредите и притисоците врз Габелоски и врз сите набљудувачи и соработници на ЦИВИЛ, како и врз сите продемократски сили во Македонија, чии заложби се јакнење на свеста за неминовноста од итни промени, за напуштање на децениското беззаконие и безумие, враќање кон правната држава и конпочитувањето на слободите и правата на граѓан(к)ите.
Оваа вест е достапна и на: Albanian