Гавриловска: Македонија живее во искривена реалност и илузија!

Сандра Гавриловска, адвокатка и правна експертка, говори за правно-политичките аспекти на политичката криза и драматичните последици од партизацијата на државата.

Гавриловска беше дел од експертскиот панел „Плурализмот и политичката криза“ кој се одржа на 17 март 2016 година и кој силно оддекна во јавноста поради длабинските анализи на изборниот процес и политичката криза во Република Македонија. 
Настанот е дел од проектот „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“, финансиран од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=jqLEueeekpg[/youtube]

„Општата состојба во Македонија се темели на политичката криза во државата од 2001 година досега, што е веќе утврдено во извештајот на Европската комисија за Македонија за 2015-та година. Актуелната политичка криза несомнено влијае на македонскиот демократски амбиент и истиот го изобличува до степен на искривена реалност и илузија. Таквата драматична состојба на политичката криза во Македонија, меѓу другото, рефлектира автократско и строго партиско владеење и фрагилна, анемична демократија.

Од правен аспект, изгубените демократски вредности имаат домино-ефект врз севкупното функционирање на од одамна не многу функционалниот правен и правосуден систем. Сведоци сме на тотално владеење на репресија, наместо на владеење на право, на масовно непочитување и кршење на законите, како и на бесрамно корумпирано, наместо независно судство, за што потврда се и последните случувања  со одлуката на институцијата Уставен суд, како преседан со сериозни правни и политички последици, со што сметам дека на крајно силеџиски начин, по којзнае кој пат се манифестира со Уставот забранетото мешање на извршната во судската власт.

Во тој контекст, без почитување на Уставот и на законите, како и во одсуство на правна заштита и сигурност во сите сфери на општественото живеење и делување, грубото кршење на основните човекови права и слободи, како и сериозното загрозување на слободата на медиумите и изборите, колку апсурдно и да звучи - е логична последица на лошото владеење на актуелната власт, и нејзиното несовесно, недомаќинско менаџирање со државата. Зборувајќи исклучиво од правен аспект, сметам дека постојат повеќе предуслови за да се излезе од политичката  криза и да се ослободат не само институциите, туку и самите граѓани, од контролата на власта. Во тој контекст, предуслов за излез од политичката криза се измените и усогласувањето на Избирачкиот список, за кои и пред малку се зборуваше, и не само во согласност со ажурираните податоци од евиденцијата за државјанства, туку и во согласност со податоците на граѓаните од матични книги, евиденција за живеалишта и сите други службени евиденции кои можат да се добијат од надлежните  органи. Исто така, потребна е измена и дополнување на Изборниот законик, и тоа со одредби за привремено запишување во Избирачкиот список на гласачи надвор од местото на престојување, со цел да се избегне потребата од активна регистрација. Исто така, сметам дека Избирачкиот законик конечно треба да се дополни со прекршочни, односно, казнени одредби, за сите субјекти кои учествуваа во изборниот процес, а нема да ги почитуваат сите обврски кои се предвидени со Избирачкиот законик.

Предуслов за излез од кризата се и реформите во изборниот модел, за кои сега е премногу доцна да се зборува во конкретниот случај, но тие реформи би овозможиле плурализам на политичката сцена, како и зголемување не само на политичката, туку и на моралната одговорност на народните претставници, во краен случај и воспоставување на една внатрепартиска демократизација, што очигледно недостасува. Предуслов е и треба да се инсистира на законско и транспарентно работење на државните институции, како и на обичните, така и на специјалните, како и на политичките партии, законско и транспарентно, финансирање на изборите, односно на изборната кампања, без средства од Буџетот на Република Македонија, без средства од буџетите на општините и на Град Скопје, како и без средства од јавни претпријатија и установи. Секако, и ослободување на медиумите од притисокот на власта и транспарентни извештаи за сите печатени и радиодифузни медиуми за рекламирање на учесниците во политичката кампања.

Обидот за изнаоѓање на решение за прашањата од кои зависи судството и опстанокот на демократијата, беше Пржинскиот договор, којшто само би го искоментирала од правен аспект, како договор што значи облигациски, обврзувачки однос на учесниците, а што подразбира дека сите учесници во тој договор, сите договорни страни, треба да бидат рамноправни, совесни и чесни, и истите да имаат интерес да го исполнат договорот исклучиво во интерес на граѓаните во Македонија. Кога реализацијата на овој Пржински договор би се остварила во вистинска правна смисла, мислам дека и би се видел излез од политичката криза. Во однос на граѓанскиот сектор, сметам дека е несомнено влијанието и улогата на граѓанскиот сектор во будењето на свеста и во надминување на настанатите проблеми и општествени девијации. Граѓанскиот сектор и поединечно и заедно, укажува на непостоењето на политички дијалог, постоење на ниско ниво на политичка култура, како во однос на основните  загарантирани  човекови права и слободи, потоа, на корупција, нетранспарентност, криминална злоупотреба на власта, функционирање на јавните и државни институции исклучиво во интерес на власта и владејачката партија, контрола на медумското информирање, ерозивен избирачки процес и многу други теми, на кои постојано се укажува од граѓанскиот сектор и мислам, има ефект кај граѓаните“.

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish