„Социјалната положба и работничките права во Република Македонија се на неприфатливо ниско ниво. Секојдневно, македонските граѓанки и граѓани се соочуваат со еден единствен предизвик – да преживеат. Дел од работодавачите во земјава на работниците им исплаќаат мизерни надоместоци за тешкиот труд, а притоа не обезбедуваат ни минимални услови за работа и ги третираат под нивото на човечкото достоинството. Оваа состојба ја установивме со истражувањето во Штип и ја претставивме пред јавноста на 20 февруари, Светскиот ден на социјалната правда.“ – изјави Џабир Дерала од ЦИВИЛ, организација членка на Иницијативата на денешната прес конференција на Иницијативата Социјална правда сега! во Клубот на новинарите.
На прес конференцијата говореа Милан Живковиќ од Фондација Фридрих Еберт кој се осврна на правото на синдикално здружување и постојаната потреба од подобрување и заштита на работничките права. Синиша Станковиќ, како уредник во Редакција ЦИВИЛ Медиа, се осврна на потребата граѓанките и граѓаните да добијат можност да се информираат за состојбите на непосреден и објективен начин, но да добијат и простор да ги споделат своите информации и ставови во јавноста.
Гледајте вести на улица! Не сте ги виделе на ТВ? Ќе ги видите на платото пред судот во Велес. Социјалната приказна на македонските граѓанки и граѓани продолжува – се вели во повикот на ЦИВИЛ на социјалните мрежи.
Гласот на велешките граѓанки и граѓани, сведоштва за состојбата на работничките права и социјалната (не)правда, изјави од експерти и граѓански активисти и низа други прилози, гледајте овојпат во Велес. По емитувањето на програмата, на располагање ви стои отворен микрофон за сите ваши прашања, коментари и ставови.
Имајќи ја предвид тешката состојба на медиумските слободи во земјата, Иницијативата СОЦИЈАЛНА ПРАВДА СЕГА! ја користи методолошката алатка Street Media на редакцијата ЦИВИЛ Медиа, која подразбира продукција и видео проекции на информативни содржини на плоштадите низ Македонија. Преку нив, јавноста може непосредно да се запознае со социјалните состојби во своите средини. На овие настани, присутните можат да учествуваат со прашања и коментари, на кои им одговараат претставници на граѓанското општество и експерти кои ги поканува нашата Иницијатива.