Годишнина на првата „бомба“: Дента кога паднаа маските!

Точно пред една година, на 9 февруари 2015, на прес-конференција на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во седиштето на партијата, на „Бихаќка“ во Скопје, во присуство на голем број новинари и партиски симпатизери, пукна првата „бомба“.

Со снимка во која се обелоденува масовното и незаконско прислушување на граѓан(к)ите од луѓе вработени во безбедносните служби на Република Македонија, по директна наредба на Сашо Мијалков и Никола Груевски, започна проектот на СДСМ - „Вистината за Македонија“. Со тоа, започна процесот на големите политички промени во Македонија.

Опозицијата до јуни мината година одржа 38 прес-конференции, на кои беа објавени аудио-материјали поврзани со процесот на прислушување на 20.000 граѓанки и граѓани на Македонија. Дел од прес-конференциите беа одржани во Кампот на слободата, кој беше поставен како резултат на масовниот сеграѓански и натпартиски протест на 17 мај.

ЦИВИЛ – Центар за слобода будно ги следеше и остро реагираше на случувањата поврзани со аферата за прислушување на граѓан(к)ите. Тогаш, како и денеска, баравме одговорност за масовното прислушување и итна истрага за одговорните, вклучително и оние кои ги наредиле ваквите криминални постапки.

Во процесот на прислушување беа опфатени и новинарите со што се изврши масовен напад врз слободата на медиумите. Тоа предизвика драматичени пад на медиумските слободи во Македонија, па според рангирањето на „Репортери без граници“, Македонија минатата година беше на 117 место.

ЦИВИЛ заедно со Репортери без граници најостро го осуди чинот на прислушување на над 100 новинари, со цел да се зацврсти контролата над медиумите.

Специјалното јавно обвинителство денес работи на повеќе случаи кои произлегуваат од снимките на телефонските разговори и за кои има индикации за криминални дејствија.