Големиот настан на Караванот на слободата во Штип поместен на 23 септември

Во договор со општинските власти, големиот мултимедијален настан на Караванот на слободата во Штип е поместен за идната недела и ќе се одржи во петок, на 23-ти септември. Главна причина за поместувањето е одржувањето на традиционалната „Пастрмајлијада“, која, покрај фестивалот „Макфест“, во овие години прерасна во значаен настан за градот и регионот. На овој начин, граѓанките и граѓаните на Штип ќе имаат можност да ги проследат музичките и други активности на двата настана, што ќе придонесе за уште поголемо и подолготрајно уживање на штипјани и збогатување на забавната и музичката понуда во овој регион.

fcp-concert-KU5

Во музичкиот дел од големиот мултимедијален настан на Караванот на Слободата во Штип ќе настапат познатите музичари и бендови Тони Зен, „Стринг форсис“ и „Бла, бла, бла...“ Освен тоа, во рамки на настанот ќе настапат и познати поети, ќе се одржи уметничка работилница на отворено, како и дебата на тема „Македонија – со или без слобода“.

Ден претходно, на 22-ри септември, Караванот ќе ги посети и општините Свети Николе, Радовиш, Карбинци и Облешево, а вечерта ќе одржи и мултимедијален настан во Кочани, со поезија, видео проекции и ДЈ сетови со песни посветени на слободата.

Инаку, Караванот на слободата ќе финишира со повеќе настани кои ќе се одржат во скопските општини во текот на последната недела на септември, а големото финале, на кое ќе настапат Бени и Нон Стоп, Тони Зен со бенд во живо, Кристина Арнаудова, Мугер Фугер, Лилит & Амон Мра и Шутка Рома Рап, ќе се одржи во сабота, на 1 октомври.