Во тек е регионалната мултимедијална изложба „Отпор, движење, промени: Фрагменти од уметничките и активистичките практики од крајот на осумдесеттите до денес“ во Загреб, Република Хрватска.
Оваа изложба е резултат на заедничките напори на уметниците и активистите од поранешните југословенски простори. Изложени се неколку стотини експонати и мултимедијални содржини кои креираат една хронолошка низа во развојот на активизмот и борбата за човекови права и слободи и поттикнување на демократските процеси, низ призма на ранливите периоди во поновата историја на Балканот.
Изложбата е дел од проектот РетроАктива кој го води светски познатата организација ГОНГ од Хрватска, во партнерство со ЦИВИЛ – Центар за слобода од Македонија, Центар за културна деконтаминација (Србија), Хелсиншки парламент (БиХ) и Анима (Црна Гора), како и фондацијата Солидарна и здружението Култура на промени при Студентскиот центар во Загреб. Финансиската поддршка доаѓа од програмата Европа за граѓаните. Самата изложба ја подготви организацијата за промоција на културата Курзив и кустосот Мартина Контошиќ. Изложбата ќе биде отворена до 22 април во Студентскиот Центар во Загреб.
ЦИВИЛ, како партнерска организација на ГОНГ, со гордост може да соопшти дека Македонија е извонредно видлива на изложбата. Меѓу другото, ЦИВИЛ беше поканет да учествува со уметничкото дело „Одмазда на дрвото“ на мултимедијалниот уметник Мирослав Стојановиќ – Шуки, како и со голем број фотографии од архивата на ЦИВИЛ, од кои најголем број се авторство на Биљана Јордановска. Експонатите од Македонија го отсликуваат отпорот и активното граѓанско општество во Македонија во последните години, низ призма на заложбите на организацијата во одбрана на човековите права и слободи.
Фотографиите опфаќаа фрагменти од протестите од 13 април 2015, по одлуката за аболиција на претседателот Иванов, од граѓанското новинарство како нов бран во одбрана на медиумските слободи и објективното информирање, од Караванот на слободата, проект на ЦИВИЛ што преку уметноста и културата влијаеше на засилување на граѓанската свесност и граѓанското учество во процесите на донесување одлуки на локално и национално ниво.
Во рамките на целодневната програма, со свој перформанс се претстави и босанската уметница Елма Селман со интерактивниот перформанс „Никогаш повеќе. Никогаш. Повторно?“ (“Never Again. Never. Again?”), а беа претставени и делата на Нико Аутор, Игор Грубиќ, Адела Јушиќ, Синиша Лабровиќ, Владимир Миладиновиќ, Албана Мује, документација на делата на Сања Ивековиќ, филм на Наташа Нелевиќ и група уметници.
Постоечките дела во предворјето на киното на Студентскиот центар, беа придружени со три нови продукции, одбрани по пат на натпревар на фондацијата Солидарна и здруженијата Курзив, Домино и ГОНГ – делата на Ивана Аманини „Ѕидови“ и на Јасна Жмак „Јас сум иднината“.
Изложбата беше отворена истовремено со одбележувањето на дваесетгодишнината од формирањето на ГОНГ. Со поддршка на партнерските организации и соработниците од регионот, ГОНГ го одбележа својот роденден во знакот на граѓанката/граѓанинот.
Целодневниот мултимедијален настан ја опфати и регионалната конференција „Во потрага по граѓанката/граѓанинот: Времеплов на активистичките и уметничките практики“.
Пред преполната сала во Студентскиот центар во Загреб, настапија голем број говорници на четирите панел дискусии, меѓу кои беа и истакнати лидери во граѓанското општество од целиот регион, новинари, универзитетски професори и уметници, меѓу кои и Драган Зелиќ и проф. Жарко Пуховски од Хрватска, Борка Павичевиќ од Србија, Џабир Дерала и Јасмина Голубовска од Македонија и многу други.
Во 20 часот во полукружната сала на Театарот&ТД се прикажа монодрамата „Постдипломско образование“ на Вилим Матула и Синиша Лабровиќ, во режија на Борна Арманини, со музика на Игор Павлиќ, а во 21 часот започна „Музичка активистичка слушална“ на Илко Чулиќ која прерасна во одлична забава до три часот по полноќ.
Тимот на ЦИВИЛ, Ермин Климента, Горан Наумовски, Џабир Дерала и Биљана Јордановска, на своите партнери во Загреб им пружија медиумска поддршка преку социјалните мрежи, фотографија и камера. Активистичката и уметничката приказна од овој навистина значаен мултимедијален настан ќе продолжи.
Во наредниот период ќе бидат објавени панел дискусиите во целост, изјавите на активистите и уметниците, а на Фејсбук страниците на ГОНГ и ЦИВИЛ читателите ќе можат да се информираат повеќе за проектот и да почувствуваат дел од атмосферата преку фото галериите.
Б.Ј.