Празни улици. Пуст плоштад. Намерници од време на време чекорат со замислен поглед. Во кафулињата малкумина пијат кафе и муабетат. На едната страна повозрасни, наспроти нив, млади момци и девојки… Првите замислени, брчките се потврда дека маките низ животот продолжуваат. А, младите со изблици на радост, го должат еспресото за да им трае оваа сметка до пладне, оти толку им се парите..., се вели во репортажата од Гостивар на Грин ЦИВИЛ.
Иако летимична, оваа беше перцепцијата на екипата на ЦИВИЛ, при последната посета на Гостивар. Љубопитни погледи не следеа на сите страни. Разменивме збор-два со повеќемина. Запознавме и желни за разговор, сакаа да се изнаприкажат и со нас да ја поделат маката. Но, сите, сите инсистираа на својата анонимност.
„Гостивар само пред 6-7 години беше убав град. Денес е пуст, празен и тажен. Си заминаа луѓето. Оние похрабрите со цели семејства одат и не се враќаат. Катанци висат на куќите, еве и две-три лета поминаа, но моите соседи не се вратија. Во Белгија се, кај блиските. Други пријатели ми заминаа во Германија. И секој овде има по некој свој, што одлета во Европа, зашто никој не сака веќе да се мачи. Ниту напредок, ниту надеж за напредок има“, ни рече еден 50-годишен гостиварец, што го сретнавме случајно на градскиот плоштад.
Во Гостивар, освен во државната администрација, речиси и да нема можност за нови вработувања. Редовна социјална помош користат 3.160 домаќинства, а 1.000 граѓани добиваат парична помош за нега на друго лице. И вака со години. Бројките не се менуваат. Дури и поволностите што се нудат преку Агенцијата за вработување, не им одат во прилог на невработените.
„Ме праќаат да работам во фирми кои се на раб на пропаст. Ја прифаќам секоја понудена работа. Но, што кога не ми дале плата. Таму кај што ме испратија, фирмата се затвори. Останав и без пари и без осигурување“, ја сподели со нас приказната една граѓанка.
Приватниот сектор го сочинуваат мали трговски и угостителски дуќани. Платата што им се исплаќа на работниците е околу 6.000 денари.
„Фирмите што се отвораат не работат долго. Отвораат, па по кусо време затвораат. Нема кој да купува, од што ќе живеат?! Овде редовни приходи имаат семејствата на пензионерите и на овие кои се вработени во државната администрација. А, некогаш, Гостивар беше голем град. Но, последнава деценија третина од жителите се иселија“, ни рече друг гостиварчанец.
И без да ги прашаме, луѓето ни зборуваа за потребата од политички промени во градот, во државата. Велат, „доволно беше, треба да се случат промени. Економијата треба да тргне, да се отворат нови работни места и граѓаните да се вратат од странство“.
Гласањето на парламентарните избори велат, помина главно регуларно.
„На денот на гласањето се чувствуваше една нова поинаква енергија. А, граѓаните гласаа за промени. Веруваме и дека на локалните избори, конечно ќе се смени власта и дека градот ќе започне нова страница на економски напредок и развој“, забележуваат гостиварци.
Иако во грч да се идентификуваат јавно, да говорат пред камера, тие се решителни во намерите, дека нема да дозволат и натаму да живеат во страв и под притисоци. Како граѓани на 21 век, велат, сакаат слободен живот и економска благосостојба.
Моника Талеска