ЦИВИЛ – Центар за слобода, во рамки на проектот „Моето гласачко право“ истовремено со средбата во Скопје со мониторинг тимот од скопскиот регион, вчера одржa средба и со мониторинг тимот во Гостивар. Тимот на ЦИВИЛ кој гостуваше во Гостивар, со домаќините разговарашe за извештаите за кршење на гласачкото право, политичката состојба на локално ниво, можните мерки за надминување на кризата, како и за престојните активности за долгорочно набљудување на изборите.
Гостиварчани се пожалија дека политичката криза и напнатата атмосфера на централно ниво за престојните избори, во континуитет влијае и на локално ниво. Веќе почнало со политичко агитирање по домовите, таргетирање на неопределените гласачи и други облици на кршење на гласачкото право и човековите права и слободи.
ЦИВИЛ – Центар за слобода засилено и долгорочно го набљудува предизборниот период и е во фаза на подготовка на мониторинг-тимови низ целата земја за престојните предвремени избори.