Неколку илјади демонстранти синоќа се собраа пред Владата, од каде го започнаа протестниот марш со единствена цел - да го одбранат Уставот од дел судиите на Уставниот суд.
Протестот го организираше граѓанската платформа „Ајде“, која беше поддржана од партиите од опозициската коалиција, и од повеќе невладини организации. Извикувајќи: “Нема правда, нема мир!”, “Оставка!”, “Лопови!”, “Мафија на робија!”…, демонстрантите побараа оставка од петте судии кои донесоа одлука за прифаќање на иницијативата за овозможување на претседателот на државата да помилува осудени за изборни измами, за педофилија, за силување и за други тешки кривични дела.
Пред Владата актерката Симона Спировска ја прочита песната „Клетва за Николај", напишана од Југослав Петровски, упатена до оние кои одлучуваат за судбината на сите граѓан(к)и во Македонија.
[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=xMwEOW8yO18[/youtube]
[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=QpzcmH_ybRo[/youtube]
Граѓан(к)ите маршираа од Владата до Народната канцеларија на претседателот на државата. “Претседателе, каде ти е народот?”, беше прашањето кое демонстрантите јавно му го упатија на претседателот Ѓорге Иванов. Потоа, конвојот со илјадници поддржувачи што ги извикуваа имињата на судиите, кои денеска треба да ја донесат конечната одлука за давање на законско право на претседателот на државата да помилува осуденици за тешки кривични дела, меѓу кои и за актуелните изборни нерегуларности, се упати кон Собранието.
[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=Sihamb94vCs[/youtube]
Откако го поминаа мостот „Гоце Делчев“, демонстрантите беа спречени од оклопни полициски возила и специјални полициски сили, во намерата да го продолжат патот кон Уставниот суд, за каде што беше најавен протестот. На платото пред Македонскиот народен театар, се обратија повеќе претставници од граѓанскиот сектор, чии говори наидоа на голема поддршка од присутните. Одиграна беше и претставата „Телетабиси" во режија на Југослав Петревски.
[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=0-OEPVXQLI8[/youtube]
Можноста за соочување со контра-демонстрантите и избегнувањето на инциденти, беше причината “Ајде!”, да го прекине најавеното, целовечерното „бдеење за Уставот“. И покрај тоа што претходно од полицијата беше побаран пристап до Уставниот суд, и неколку дена порано беше најавен мирниот протест во организација на „Ајде!“ - дека ќе се одржи на таа локација, поради присуството на контра-демонстрантите, кои, формално во организација на малата партија ГРОМ, „спонтано“ го узурпираа просторот, на граѓанските активисти поддржани од опозицијата, тоа не им беше овозможено.
Марија Теговска
Оваа вест е достапна и на: Albanian