„Во Македонија отсуствуваат конкретни механизми за санкционирање на говорот на омраза. Ниту Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, ниту Советот за етика во медиумите, немаат надлежност да го санкционираат говорот на омраза во програми од домашна продукција емитувана на македонските медиуми“, беше потенцирано на денешната панел-дискусија „Граѓански иницијативи за промена на закони“, во организација на Вестминстер фондацијата за демократија и на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста.
На денешната панел-дискусија, покрај другото, беше промовиран и „Прирачник за истражување и за пишување документи за јавни политики“, кој е дел од проектот „Граѓаните во Собранието: Законодавни иницијативи за човекови права„, финансиран од ЕУ. На настанот беа презентирани истражувањата на невладините организации кои беа дел од проектот, кои по обуките, изготвија документи за јавни политики.
Денес беа презентирани 11 документи за јавни политики, подготвени врз основа на опсежни истражувања, спроведени од 12 граѓански организации. Во панел-дискусијата учествуваа и поранешни пратеници, како и претставници на политички партии.
Иницијативата за законска измена на начинот на кој се регулира говорот на омраза во медиумите во Македонија, за која беше спроведено истражувањето што го спроведоа ЦИВИЛ - Центар за слобода и Младите европски федералисти (JEF), денеска беше презентирана како дел од панел-дискусијата за презентација на документи за јавни политики за обезбедување на овозможувачка околина за заштита на човековите права.
„Актуелните механизми се покажале како неефективно долги и неефикасни. Оваа фактичка состојба е силен индикатор за причините за прекршување на членовите од Законот за медиуми, којшто предвидува забрана за емитување програми што поттикнуваат: расна, полова, етничка, сексуална или каква било друга дискриминација“, е дел од согледбите на тимовите на ЦИВИЛ и на JEF во истражувањето кое ја поткрепува иницијативата за законска измена на регулирањето на говорот на омраза во медиумите во Македонија.
Претставниците на граѓанскиот сектор од панел-дискусиите испратија јасни пораки до политичарите, новата влада и новоизбраните пратеници, да имаат повеќе слух за барањата на невладините организации. Предложените измени на законските регулативи, сметаат претставниците на НВО, значително ќе го олеснат животот на граѓан(к)ите, а македонското законодавство ќе го приближат до европското.
M.T.