По успешната година на граѓанските новинари кои преку своите фотографии, видео прилози, текстови и аудио записи го разоткриваа пред јавноста медиумскиот мрак, не дозволувајќи притисоците и заканите да влијаат врз слободата на информирање и изразување, ЦИВИЛ го продолжува проектот „Граѓански објектив“ со нова серија семинари за развој за граѓанското новинарство.
Првиот регионален семинар на ЦИВИЛ-Центар за слобода се одржа во Битола на 12-ти и 13-ти ноември, на кој учествуваа заинтересирани граѓанки и граѓани од Ресен, Прилеп, Крушево, Демир Хисар, Кривогаштани и Битола.
Програмата на семинарите вклучува запознавање со основите на изборниот систем, човековите права и слободи, видео активизмот, граѓанското новинарство и новинарското пишување.
На вториот ден од семинарот за граѓанско новинарство, учесниците имаа практичен дел на битолските улици каде снимаа, фотографираа и разговараа на теми кои ги засегаат битолчанки и битолчани во изборен контекст. По двочасовната теренска работа следуваше евалуација на нивните видео прилози и фото материјалите.
Покрај предавачите од тимот на ЦИВИЛ (Џабир Дерала, Марија Теговска, Синиша Станковиќ, Петрит Сарачини и Ермин Климента), свое предавање имаше и граѓанскиот активист и три пати наградениот граѓански новинар на натпреварот во рамките на проектот, Сотир Габелоски од Крушево. Со присутните учесници тој ги сподели своите искуства и предизвици како граѓански новинар.
Граѓански објектив е проект во кој се комбинираат истражувањето, медиумските активности и активизмот, кои се основа за долгорочно изборно набљудување. Овој проект веќе втора година придонесува кон развојот на граѓанското новинарство во земјата.
ЦИВИЛ ја објави публикацијата „Ние сме медиумите!“ која е одличен ресурс за активните граѓанки и граѓани заинтересирани за граѓанското новинарство.
Проектот е поддржан од фондацијата National Endowment for Democracy.
Б. Јордановска