Во не така дамнешното минато, постоеја медиуми и постоеше публика. Границата меѓу нив беше јасна и непремостлива. Со други зборови, наспротив нивното величество медиумите, беше една огромна маса луѓе која немаше ни глас, ни некоја особеност. Тоа беше само статистика, демографија потребна за маркетинг директорите да направат успешна понуда за спонзорите.
И не беше информацијата таа која доби карактер на стока, туку публиката стана стока со која тргуваа медиумските, политичките и финансиските моќници. За возврат, медиумите ја хранеа својата публика со информации и факти, но уште повеќе со полувистини, пропаганда, реклами и што уште не.
За публиката нема ни трошка простор за учество во процесот на креирањето на информативните содржини. Освен во мали дози, медиумите не дозволуваат публиката да се меша во начинот на создавање на информативните содржини, а уште помалку да учествува во изборот на теми и во креирањето на уредувачката политика.
Но, тоа веќе со години е сосема неважно. Сега, публиката се медиумите! Сега, секој може да биде граѓански новинар.
Информациите кои граѓанските новинар(к)и ги споделуваат во јавниот простор се скапоцен придонес кон демократизацијата на медиумите и на општеството.
Благодарение на технолошкиот напредок и на социјалните мрежи, денес секој може да биде дел од медиумската продукција во едно општество и да постигне далеку поголема видливост и влијание отколку традиционалните медиуми кои се под стегите на контролата од политички и финансиски центри на моќта.
Додека традиционалните медиуми мораат да вложат огромни напори и да покренат сериозни ресурси и механизми за да произведат вести, граѓанските новинар(к)и тоа го прават во истиот миг додека се случуваат настаните. Без стеги, без цензура, без страв дека ќе изгубат некој спонзор.
Една фотографија или видео од десетина секунди денес може да постигне далеку поголемо влијание отколку кампања вредна стотици илјади долари или евра. Еден твит или пост на Фејсбук во кој се разобличува некоја постапка на институција или моќник може да започне револуција.
Тоа е моќта на граѓанското новинарство. И тоа нема граници, ниту тутори. Доволно е само да се држи фотоапаратот, камерата или телефонот во состојба на готовност и да се забележи настан, постапка или сведоштво за злоупотребите кои ги прават институциите или моќниците. И да се кликне копчето за споделување на таа содржина.
Проектот „Граѓански објектив“ на ЦИВИЛ ја отвора токму таа можност – јакнење на граѓанското новинарство во Република Македонија. Во информативниот мрак, кога десетици илјади граѓанки и граѓани кои протестираат и бараат демократија, правда и човекови права не постојат за јавната радио-телевизија, придонесот на граѓанските новинар(к)и е историски.
Граѓанските новинар(к)и се хроничари на своето време и вистинскиот извор на информациите. ЦИВИЛ редовно се дружи со граѓанските новинар(к)и кои со своите прилози учествуваат на натпреварите за најдобра фотографија, видео или текст уште од крајот на минатата година. Тоа дружење се состои во редовни семинари, средби, онлајн активности, настани и промоции на отворено, како и доделување награди за граѓански новинар(к)и.