Петтиот Форум на граѓанското општество на Западен Балкан во организација на Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК) заврши со својата работа денеска со донесување на Декларација во која се поместени две точки кои се однесуваат на Република Македонија. Во првиот дел на Декларацијата со наслов „За перспективите на ЕУ и Западен Балкан“ се препорачува надоврзување на препораките на Европската Комисија за започнување на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, „особено откако неодамнешните настани во Куманово покажаа колку е фрагилна стабилноста во Западниот Балкан“.
Понатаму, во Декларацијата на ЕЕСК се наведува: „ЕУ и владата на Република Македонија треба да ги вклучат демократските организации на граѓанското општество во нивните напори да ја решат тековната политичка криза во земјата, на начин што преку структуриран дијалог во кој тие учествуваат со независни и информирани предлози со цел да се зајакне владеењето на правото, демократијата и стабилноста“.
Високите претставници на ЕЕСК воедно најавија насочување на вниманието на ова тело на ЕУ на настаните и процесите во Република Македонија.
Овие ставови во Декларацијата се резултат на заложбите на претставникот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, кој на претставниците на ЕЕСК и учесниците на Форумот им ја претстави ситуацијата во земјата, како и барањата и ставовите на Коалицијата Граѓаните за Македонија. Воедно, ЦИВИЛ ги претстави и своите барања и предлози за идните мерки и процеси кои треба да се спроведат во Република Македонија, кои се надоврзуваат на ставовите на Граѓаните за Македонија.
Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК) е советодавен орган на Европската Унија, кој ги вклучува претставниците на различните интересни групи во цивилното општество,да учествуваат со своите студии, препораки и совети да ја помагаат работата на Советот на Европската унија, Европскиот парламент и Европската комисија.
#WBalkansCSForum