Груевски: Не знам како ја преживеав 2016!

2016-та? Искрено, не помнам таква година. Или, подобро да кажам, не сакам да ја помнам. Не за друго, туку не знам како ја преживеав... Зошто? Едноставно, затоа што немаше поле на кое „таа” (не сакам ни да ја споменам)  не беше неиздржлива. Особено во Битола. Градот, последнава година е осакатен во секоја смисла. Единствена локација која се проширува се градските гробишта!

dushko-gruevski

Пишува: Душко Груевски

Воздухот – катастрофално токсичен, полн со бензоалфапирен и останати токсични материи!  Последица? Илјадници заболени од респираторни болести и десетици прерано починати граѓани, како последица на загадувањето. Градот? Најзапуштен од кога и да било досега. Речиси секое училиште со блокирани сметки, дел од расходите ги подмируваат децата, т.е. нивните родители.

Спортот во Битола, чиниш ќе тргне напред, и пак, ништо. Ниту стадионт е во нормална функција, ниту има нормални услови за тренинг, ниту спортската сала личи на нешто. (Прокиснува, а внатре е смрзнувачка). Локалната власт си игра дрн-дупка со потребите на граѓаните.

Се трудам да најдам смисла за фактот дека градот Битола подолго од три години нема полигон за полагање возачки испит. Оваа година поднесовме неколку барања за одговор на истото прашање. Одговор нема! Кренати раменици, како и за сé досега. Конзулскиот град,  во кој се возеле автомобили  уште во почетокот на 20-тиот век, градот кој ја видел првата филмска камера на Балканот. Градот кој бил посетен од Султанот, од претседатели на држави и голем број на конзули и видни личности, сега станува дувло на пајаците, вселени во напуштените куќи и станови.

Градот особено во последнава година е осакатен во секоја смисла. Единствена локација која се проширува се градските гробишта!

Повремено се полнат автобуската и железничката станица, со млади луѓе кои не свртувајќи се, го напуштаат градот. Оваа 2016-та, избрка многу млади луѓе. Ќе ја помниме како година на егзодусот.

И повторно си го поставувам прашањето: како ја преживеав 2016?

Мислам дека подобар термин за оваа година е – ја надживеав. Ја победив. И се спротивставив и се изборив со неа. Има еден куп описни термини, ама ниту еден во целост нема да ја опише, затоа што оваа 2016, беше година на Ѓаволот, на Натемаго. Граѓаните на Битола толку се замразија едни со други, што не знам дали ќе постои начин повторно да се обединат. Оти, 2016-та беше најразединувачката во мојот живот.

Затоа, единствено што можам да го речам е било што било. Никогаш да не се повтори! Никогаш!

 

(Авторот е свештеник и граѓански активист од Битола)