На мештаните на Башино село во Општина Велес, изминатиот месец, веројатно им бил најубавиот период последните години, затоа што во посета на нивното село беше Никола Груевски, претседател на Владата и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со градоначалникот на Велес Славчо Чадиев и со министри од Владата. И, како што обично се случува на посетите на премиерот ем лидер, пред провладините медиуми, се делеа и ургентно се оставруваа ветувања. Наталожените проблеми на селото се решија во миг, со само еден налог на премиерот! Решавањето на проблемите со кои долги години се соочуваат башиноселци, започна веднаш по последната посета на Груевски.
Потврда за тоа е изјавата на претседателот на Урбаната заедница на ова село, Бошко Ташковски која беше објавена во дел од велешките медиуми. „Премиерот беше пред еден месец тука, месното население побараа некои работи кои се од интерес за населеното место, па да не речам 90 проценти од тие работи градоначалникот ги реализираше. Заграден е изворот на природната чешма, подобрено е осветлувањето и една улица е комплетно направена, еве сега, ќе се направи и повеќенаменско игралиште, што да кажам освен, задоволни сме од посетата на премиерот Никола Груевски“.
Примери во кои Груевски ги решава долгогодишните проблеми на граѓаните со само еден телефонски повик, има повеќе, особено во последните неколку месеци, периодот на засилената кампања која перманентно трае цела деценија. Така, во ноемвриската посетата на Охрид, премиерот како вешт илузионист, за не повеќе од една минута, го реши станбеното прашање на осумдетно семејство.
Ова покажува и докажува дека во Република Македонија, дефинитивно не функционираат институциите и системот, туку дека важи само зборот на Никола Груевски, кој никогаш не правел разлика меѓу функциите лидер на партија и премиер, и дека самото негово појавување во некоја средина, е доволно, на јуриш да бидат решени проблемите што со години ги мачат граѓан(к)ите во нивните села и градови. Проѕирната кампања, да не е тажна, би било смешна,. А фалбоспевите на диригираните медиуми за дарежливиот премиер, кој со парите на граѓан(к)ите ги дарува децата без родители, на пример, или со строг тон им наредува на неговите сопартијци во улога на локални функционери, веднаш даја извршат неговата наредба, не можат да ја скријат голата вистина за огромната манипулација.
Претседателот на ЦИВИЛ – Центар за слобода, Џабир Дерала, за „а ла Дедо Мраз“ кампањата на Груевски, изјави: „Груевски продолжува со злоупотреба јавните ресурси и со медиумите. Тој упорно се наметнува во јавноста како месија, наспроти сите индикации за тешки злоупотреби и криминали за кои слушнавме од ‘бомбите’. Бидејќи неговите дела-недела се разоткрија до болни детали, ваквата кампања делува крајно невкусно и гротескно, а сумите на пари потребни да се спроведе оваа диверзија на јавното мислење се, секако, многу повисоки, значи, бараат уште повеќе злоупотреби.“
Едноставно, се поставува прашањето, ако бројните проблеми можат да се решат за еден месец, или еден ден (а многу често и само со еден телефонски повик?!), зошто досега не биле решени? Или, се чека токму предизборниот период за македонската варијанта на Дедо Мраз да ја покаже својата чудотворна моќ?