„Бев повикан во судот затоа што Катица Јанева изразила сомнеж дека ќе ја напуштам земјата. Не знам дали некој верува во тоа, но се гледа дека Специјалното јавно обвинителство прави чекори кои се нарачани и најверојатно тоа го посакува нивниот нарачател, кој во неколку наврати изјави дека не ги признава македонските судови...“, изјави по едночасовниот распит во Кривичниот суд, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер Никола Груевски, за кого, за „Случајот ТНТ“ (уривањето на објектот „Космос“ на Фиат Цаноски), Специјалното јавно обвинителство побара да му се изречат мерки за претпазливост.
Груевски тврди дека нема никаква вина, но сепак, смета дека ќе биде повикуван на распит во судот „заради апсурдни причини“.
„Она што го прават од Специјалното јавно обвинителство е нешто од што ќе се срамат во наредниот период. Меѓутоа, тоа е времето во коешто живееме... Немам намера ниту да бегам ниту да ја напуштам државата! Ќе одговарам на секоја покана од судот”, изјави Груевски, кој потенцираше дека некој има за цел народот да ја смени перцепцијата.
Експремиерот во Судот дојде со со адвокатот Никола Додовски и актуелниот портпарол на Владата, Александар Георгиев.
Според СЈО, Груевски и поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески, како одмазда на бизнисменот Цаноски чија партија ја напушти на коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, го поттикнале градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски да го урне објектот „Космос“ со експлозив.