Груевски е в затвор

Со сета моќ што ја има во своите раце, Груевски не може да се осмели на отворен дуел со своите противници. Тој стана затвореник на својата сопствена моќ. Според неговото однесување, тој веќе е в затвор. Ја уништи дебатата во општеството, ги оневозможи луѓето да го следат, а уште помалку да учествуваат во политичкиот живот во земјата. Единствената можност која тој им ја даде на граѓанките и граѓаните на оваа осиромашена и опустена земја е да се поделат по острите линии на политичките и етничките припадности и да се мразат. Без, притоа, да им даде можност да ги согледаат понудите кои се на политичката сцена.

Пишува: Џабир Дерала

Пишува: Џабир Дерала

Тој, во манир на племенско-верски поглавар, бара доверба од народот, бара тој народ да удира клоци, да стигматизира и линчува.
Неговите пораки од митингот во Делчево се недоволно прикриена закана со убиство. И никогаш директно. Народот ќе удира клоци, а Ќосето ќе го убие опозиционерот Заев. И секогаш, демократијата беше заменета со „доверба на народот во владата“, исто како што Јозеф Паул Гебелс го карактеризираше тоа во времето на подемот на нацистите кои прво ја окупираа сопствената земја Германија, а потоа, поведоа војна против своите политички непријатели, етничките и другите малцинства, па со соседните земји и ја поведоа Втората Светска војна.

На 19-ти септември им напишав СМС на Заев и Груевски, барајќи да се соочат на дебата пред македонската јавност. Утредента им испратив и писмена покана. Тоа ќе беше прво јавно соочување на двајца политички лидери од овој калибар, по десет долги години умртвена дебата во земјава. Тоа ќе беше првпат јавноста да проследи директни пораки меѓу двајца лидери толку остро спротивставени. Дебата на деценијата.

Ќе можеше Груевски да биде учесник во дебата на деценијата...
Ништо од тоа. Иако се трудев да бидам коректен и не кажав кој од нив прифати да учествува во таква дебата во рок од четири минути по испраќањето на првата СМС порака, а кој немаше храброст да одговори дури ни со - не, дури ни по јавните повици од прес-конференциите, од текстовите на веб-страниците на ЦИВИЛ, по повторно испратеното писмо со љубезна покана. Сега, во духот на транспарентноста, должен сум да кажам, за да не останат недоречени работи.
Заев беше тој што одговори четири минути по првата СМС порака. „Кога сака, под кои услови сака, каде сака!“, рече тој во краткиот телефонски разговор.

Груевски не одговори до моментот на завршување на овој текст, на 8 декември, во 11 часот наутро. Има време до почетокот на изборниот молк, да одговори. Барем со - не.
Но, зошто Груевски нема смелост да одговори дури ни со - не, а од говорниците се заканува со клоци и убиства кои, сепак, ќе ги извршат други, наместо него?

Груевски и неговите верни роднини, кумови, пријатели и слуги, ја киднапираа партијата на чие чело се наоѓаат.
ВМРО стана колективна зандана на многу добри луѓе. Луѓе со силен интелект, перфектна формација од знаења и креативност, станаа затвореници на Груевски. Во момент на слабост или наивност, тие се заплеткале во криминалните или неморалните мрежи поставени насекаде низ институциите и општеството, и сега, не можат да се извлечат. Од срам, страв или долгови.
И, како и секоја голема и мрачна зандана, така и оваа бара многу храна. Таа храна е човечкото достоинство и месото од телата на сиромашните.

Десет години авторитарно владеење, проткаено со многу насилство и грабеж на народните пари и заедничкото богатство на земјата, се повеќе од доволно време да се наметне сосема поинаква политичка култура и да се уништат сите вредности на едно нормално општество, да се згази моралот на граѓаните и граѓанките и да се инфицира секоја институција.
И сето тоа, проследено со уништување на слободната мисла, дијалогот и дебатата во земјата. Сето тоа, проследено со насилништвото на Груевски од говорниците и отсуство на смелост да се соочи со својот лут политички противник.
Децата што биле трето одделение кога Груевски ја освои власта, сега се гласачи. Без оглед на тоа за кого ќе гласаат во декември, ние денес имаме цела генерација млади кои не знаат за ништо друго освен за омраза кон неистомислениците, лаги и сведнати глави, корупција на системот, свеста и моралот, мизерно коленичење пред некој што се однесува како господар на нивните животи.
Затоа, Груевски веќе е в затвор. Самиот си го изгради и му стави фасади за кои верува дека се барокни.