Грујовски: Власта е незаинтересирана за штрајкот на судската администрација!

Штрајкот на судската администрација продолжува во сите судови кои и досега штрајкуваа, се изјаснија вработените во 26 од 29 судови. Вработените во три судови предложија да се изнајдат нови начини на изразување на незадоволството поради игнорантскиот однос на иституциите на власта кон нивното барање за добивање и исплата на додатоци на плата во висина од 35 отсто.

Peco Grujovski

Пецо Грујовски, претседателот на УПОЗ

„Синдикатот на УПОЗ и Здружението за судска администрација (ЗСА), бара средба со извршната, законодавната и со судската власт, да седнат со нас на преговори и да изнајдеме решение, бидејќи нивниот досегашен, пасивен однос прави огромна штета за државата, судството, граѓаните, адвокатите и за сите други кои водат судски постапки во судовите“, вели за ЦИВИЛ Медиа, претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Пецо Грујовски.

Тој вели дека судските работници кои штрајкуваат се жалат дека трпат притисоци и закани. Груевски додава дека ова е обид да се направи поделба меѓу вработените и тие да се заплашат дека доколку и натаму продолжат со штрајкот, ќе добијат само 60 отсто од платата.

„Ни се закануваат со сè и сешто, најчесто дека ќе ни ги намалат платите. Меѓутоа, ваквиот притисок уште повеќе ги тера да истраат во борбата за остварување на главните барања од штрајкот, зголемување на додатоците на плата и измена на Законот за судска служба“, истакна Грујовски.

Тој вели дека пред една недела со писмо се обратиле до Владата на Република Македонија, но оттаму - нема никаков одговор.

„Не игнорираат Владата и Министерството за правда, не сакаат да седнат со нас на преговори, затоа што немаат аргументи со што да се бранат. Ние ги повикуваме да седнат на маса со нас и доколку не убедат дека сме во грешка со тоа што штрајкуваме, ние ќе го прекинеме штрајкот“, додаде Грујовски.

Судските работници штрајкуваат веќе еден месец. Одреден период протестираа и пред Министерството за правда, но сè уште нема подготвеност од Министерството и останатите претставници на власта да преговараат за нивните барања.

Грујовски вели дека имаат поддршка и од Европскиот сојуз на државни службеници (ЕПСУ), најголемиот сојуз на работниците од јавниот сектор во Европа.

„Вие и Вашиот Синдикат УПОЗ и порано постојано потенциравте дека Законот за судска служба кој беше донесен во 2014 година, ќе има огромни последици за работниците во судската администрација. Примената на овој Закон го докажа токму тоа. Не можеме да најдеме објаснување зошто судиите и јавните обвинители добија зголемување на додатоци на плата од 35%, а работниците кои ја вршат целата работа, останаа без бенефит. Ова не е фер. Штрајкот кој го започнавте на 18-ти мај, за израмнување на додатоците на плата за судските службеници, не смее да биде игнориран од ресорното Министерство и од Владата. Работниците од судската администрација заслужуваат исти додатоци“, стои во соопштението испратено од ЕПСУ до Синдикатот на УПОЗ.

Д.М.