И Галичица - жртва на урбаната мафија?

Со измените во Планот за управување со Националниот парк „Галичица“, се предвидуваат изградба на ски-центар, на експресен пат и на три туристичко-развојни зони на брегот на Охридското Езеро.

Овие огромни градежни зафати во срцето на Галичица се закануваат да го уништат уникатниот биодиверзитет на Галичица, и покрај тоа што домашни и странски експерти потврдуваат дека уништувањето на планината би значело и бавно уништување на Преспанското и Охридското Езеро.

“Охридскотo Езеро е едно од најразновидните езера во светот, и најистакнато од сите стари европски езера. Се карактеризира со најголем број ендемични видови по површина, во однос на било кое старо езеро во светот. Уништувањето на бреговите на езерото и појасот трска со градежни зафати и со зголемена инфраструктура, како и пораст на туризмот, ќе предизвика уништување на поголеми делови од живеалиштата на уникатната фауна на Охридското Езеро.“стои во анализата на д-р Бернд Вагнер од Универзитетот во Келн.

ЦИВИЛ Медиа, разговараше со Елена Николовска од „Охрид SOS“, граѓанската иницијатива, која од првиот момент кога се најави отстранување на досегашниот степен на заштита на најранливите подрачја на оваа планина, за урбанизација на Јавната установа Национален парк „Галичица“, континуирано се обидува да стапи во контакт со Општина Охрид, но и со ЈУНП “Галичица”. Нивните секојдневни соочувања со бирократијата и игнорирањето од јавните институции, се безуспешни.

sa2“По јавната расправа која се одржа во септември, ‘Охрид SOS’ заедно со повеќе граѓански организации, испративме коментари кон ревидираната Стратешка оценка на животната средина - СОЖС, за Предлог - измените во Планот за управување со Националниот парк ‘Галичица’. Одговор од надлежните институции - нема”, вели Николовска.

„Оневозможувањето на конструктивна дебата продолжува и со закажувањето на петтата по ред расправа за ревидираната СОЖС, која се одржа на 4-ти јануари 2016 година, за време на празници, без граѓаните да имаат доволно време да се информираат, што претставувало директно и дрско прекршување на Архуската конвенција. Оваа Конвенција е меѓународен документ што на граѓаните им гарантира пристап до информации, во донесувањето на одлуките во доменот на животната средина“, дополнува Николовска.

По одржувањето на јавната расправа, „Охрид SOS“ конечно успева да го продолжи рокот за доставување на коментари на веб-страната на ЈУНП “Галичица” за еден месец, до 12-ти февруари. Граѓанските активисти само што помислија дека можеби има надеж да најдат разбирање кај надлежните институции, делот за оставање на коментари на веб-страната, неколку денови беше нефункционален.

Ако се има во предвид дека планината Галичица на која се наоѓа Националниот парк „Галичица“ (дефиниран како исклучително важен регион од меѓународната организација Унијата за заштита на природата и затоа заштитен со закон уште од 1958 година), и ако се знае дека ливадите на Галичица се дом на 1.644 видови на пеперутки и 800 видови флора со висока биолошка вредност, мотивот за уништување и бетонирање на овој биосферен резерват, може само да се претпоставува.

ЦИВИЛ – Центар за слобода ги поддржува  напорите на охридските еколози и на сите граѓани кои се залагаат за спас на еден од македонските бисери – Галичица, од која погледот на двете езера „е еден од најубавите во Европа“.

Марија Теговска

Оваа вест е достапна и на: English