И Европската комисија ја осуди опасната реторика кон меѓународната заедница

„Европската комисија цврсто ја осудува секоја запаллива и опасна реторика, вклучувајќи и таргетирање на претставниците на меѓународната заедница во Скопје“, изјави денеска од Брисел, портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич.

Според Комисијата, таквата реторика „ја движи земјата уште подалеку од евроатлантскиот пат, којшто нејзините граѓани го сакаат и заслужуваат“.

„Европската унија очекува сите партии да учествуваат на мирен начин на прегласувањето, за да заврши изборниот процес во Република Македонија и да се избере влада“, рече Коцијанчич.

„Ние ги забележавме одлуките на Државната изборна комисија и на Управниот суд. Сега, мора да биде дозволено процесот на жалби и приговори да се одвива по својот тек, без било каква интервенција. Очекуваме сите партии да учествуваат конструктивно и на мирен начин во демократскиот процес, за да се овозможи завршување на изборниот процес и формирање на новиот парламент и на владата“, рече Коцијанчич, пренесувајќи ја пораката на Европската комисија, по повод проблематизирањето и незавршувањето на изборниот процес во Република Македонија.

Таа додаде дека ЕУ очекува сите политички лидери во Македонија да покажат одговорност.

„Ние очекуваме новата Влада да се посвети на решавање на системското владеење на правото, исто така, и на итните реформски приоритети и да продолжи континуираната имплементација на претходните политички договори. Ние ќе ги поддржиме властите во овој поглед“, рече портпаролката Коцијанчич.