Продолжуваат средбите на работните групи на политичките партии - потписнички на Договорот од Пржино. Денешната средба е најавена во резиденцијата на Европската унија. Теми на разговор продолжуваат да бидат реформите во медиумите и моделот со кој ќе се прочистува Избирачкиот список. На средбата ќе присуствуваат високи претставници на четирите партии, евроамбасадорот Аиво Орав, а се очекува да се придружи и американскиот амбасадор Џес Бејли.
До средбата доаѓа по вчерашната посета на специјалниот пратеник на германското Министерство за надворешни работи Јоханес Хајндл. Тој се сретна со лидерите на СДСМ, ДУИ и ДПА, но не и со Никола Груевски од ВМРО - ДПМНЕ. Од партијата не соопштуваат која е причината што Груевски не разговараше со Хајндл.
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, порача дека нема време за чекање и дека мора да се дејствува брзо за исполнување на условите за фер и демократски избори. „И за Избирачкиот список и за медиумите можен е договор во следните денови, ако за тоа постои политичка волја, бидејки на маса се конкретни технички чекори што треба да се направат, а што може да не зависат од политичките партии“, изјави Заев.
Како што се наведува во партиското соопштение на ДУИ, Али Ахмети истакнал дека партијата е заинтересирана преостанатите прашања да се решат што е можно побргу и реформите да се спроведуваат за да се организираат сеопфатни избори. Според соопштението, тој го уверил Хајндл дека ДУИ е конструктивен партнер на сите што сакаат решение на кризата и оти се заинтересирани оваа ситуација да се надмине што е можно поскоро.
По средбата со Хајндл, лидерот на ДПА, Мендух Тачи порача дека ситуацијата во моментов е исклучително тешка и сложена и дека не гледа оти таа ќе може да се реши.
И по третата посета на Јоханес Хајндл за само еден месец, тој не успеа да договори заедничка лидерска средба.
ЦМ
Оваа вест е достапна и на: Albanian