И Велигден се користи за партиски агитации

Реакции за свештеници во Тетово кои повикувале да се гласа за владејачката партија ги преплавија деновиве социјалните мрежи.

Освен свештениците, најголемиот христијански празник Велигден за собирање политички поени го искористија и голем број политичари и политички партии, па јавноста беше сведок на офарбани јајца во партиски бои, повици за гласање и други агитирања од верските манифестации. Неизбежен беше впечатокот дека јавноста не беше оставена раат да го прослави Христовото воскресение поради претстојните претседателски и парламентарни избори.

„Пред голем број верници кои чекаа да се причестат, свештениците во храмот, фалејќи ја и воспевајќи ја власта, ги повикаа верниците да ја поддржат владејачката партија на претстојните избори на 27 април 2014 година и да не грешат душа гласајќи за предавниците“, гласи реакцијата на граѓанин објавена на Фејсбук.

Воедно, јајца вапцани со логото на партијата и со бројот на партијата на гласачкото ливче беа забележани и од двете најголеми партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

„ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!!! На сите Христијани им го честитам големиот верски празник Велигден, а воедно и ги поканувам сите браќа и сестри, сограѓани,членови и симпатизери на нашата партија на денешниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ со Коалицијата во Аеродром. Со верба во Бог со ВМРО до гроб!!!“, гласи текстот на сликата на Фејсбук од партиски активист.

Ни СДСМ не изостана со празнување на Велигден со јајца офарбани во сина и во виолетова боја. На пример, жените од партијата од Крива Паланка на секое вапцано јајце имаа залепено слика со логото на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски „Промени за нов почеток“.

Постаментот на „Македонскиот крст“ во општината Аеродром беше поставен за време на почетокот на изборната кампања, а за првпат светна на Велигден. Крстот е висок 51 метар и широк 4 метри, со распон на краците од 34 метри. Иницијаторот на овој проект, претседателот на Светскиот македонски конгрес Тодор Петров за медиумите веќе изјави дека крстот не претставува ниту провокација, ниту конспирација, а дека Македонија е основа на христијанството. Одлуката овој крст да се гради во Аеродром е бидејќи 99 отсто од населението што живее во оваа општина се христијани.

Според Џабир Дерала, претседателот на Цивил, грубо се манипулира со најинтимните чувства поврзани со верата и се продлабочуваат поделбите меѓу луѓето, спротивно на духот на религиите.

„Велигден се искористи да се прекрши Изборниот закон и да се преземат градежни зафати во општина Аеродром - се градеше крст среде изборен молк. Еден политичар својата програма ја сведе на тоа дека нема веќе само крстови да се градат, туку и џамии ако тој дојде на власт. Јајцата се вапцаа со бројките на кандидатските листи на партиите. Среде Велигден се кршеа изборни штабови на партии. Злоупотребата на верата во партиски цели не смее ни да се критикува бидејќи партиската медиумска солдатеска тоа веднаш го дочекува на нож. Веројатно и оваа изјава ќе биде дочекана така“, вели Дерала.

Со наслов „Лоповите се причестија, народот не влезе во црква“, колумна на оваа тема објави и новинарот Бранко Героски.

„Врв на лицемерието е што и годинава најревносни во празнувањето и во причестувањето беа лоповите. Односно политичарите. Се разбира, не се сите лопови. Да не спомнувам сега имиња. Научи народот кои се. Си прави разлика. А и тие си знаат. Не знам дали само глумат верници за да соберат по некој глас повеќе, или фаќаат врски кај Господ за денот кога ќе дојдат пред Свети Петар“, напиша во својата колумна Героски.

Мери Јордановска

 

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish