На 18-ти мај, со почеток во 12 часот, кај Школка, во градскиот парк во Скопје, ќе се одбележи Меѓународниот ден на борбата против хомофобијата и трансфобијата (IDAHO). Оваа година IDAHO во Македонија ќе биде посветен на борбата против дискриминацијата врз основа на сексуална ориениентација и родов идентитет, како една од главните политички потреби на ЛГБТИ заедницата во земјата. Прв чекор кон заштитата од дискриминација се промените во Законот за спречување и заштита од дискриминација преку внесување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет, како основи за дискриминација во членот 3 од истиот закон.
Четиричасовниот настан ќе вклучува говори од јавни личности, кои се поддржувачи на борбата против хомофобијата и трансфобијата, промоција на претстојната кампања, потпишување картички до пратениците со барања за иницирање измени во Законот за спречување и заштита од дискриминација и DJ сетови на Соња Исмаил, Зоки Бејбе и Мирко Попов, информираат од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, кои се носители на иницијативата за промена на Член 3: Поддршка и солидарност со ЛГБТИ заедницата.
На овој настан ќе претходи утрешната (сабота) јавна дебата, на тема „Борба против насилството врз ЛГБТИ лицата“, која ќе се одржи во ЛГБТИ Центарот за поддршка (ул. „Наум Наумовски Борче“ бр. 83) со почеток во 17:00 часот. Организатор на дебатата е Националната мрежа за борба против хомофобијата и трансфобијата, која изминатите денови е активна со кампањата „Кажи НЕ на хомофобијата и трансфобијата“. Сите заинтересирани можат да учествуваат на оваа дебата.
Дебатата има за цел да придонесе во борбата против хомофобијата и трансфобијата во насока на градење на култура на ненасилство во Република Македонија, преку опфаќање на правните и општествените импликации од (не)заштитата на ЛГБТИ лицата од насилство. На дебатата ќе говорат м-р Жарко Трајаноски од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, Неда Чаловска од Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија и новинарот Ацо Кабранов, а ќе биде модерирана од Софија Велковска од ЛГБТИ Центарот за поддршка.
Веднаш по дебатата, во ЛГБТИ Центарот за поддршка, во 20 часот ќе се следи одбележување на Меѓународниот ден против хомофобијата и трансфобијата. Настанот ќе вклучува промоција на интервентен фонд, доделување на благодарници на учесниците во кампањата „Македонија има љубов за сите“ и отворање изложба со фотографии.
Светот се здружува против хомофобијата и трансфобијата
Република Македонија обезбеди лидерско место на Балканот според хомофобијата и трансфобијата присутни во нашето општество. За тоа говори нискиот резултат од само 13% на ILGA-Europe Rainbow мапата во контекст на националната правна и политичка ситуација со човековите права на лезбејките, геј мажите, бисексуалците, трансродовите и интерсекс лицата. На европско ниво, нашата земја е помеѓу последните во кои позицијата и пристапот до човековите права на ЛГБТИ заедницата е во катастрофална состојба. Веднаш после нас следуваат Украина, со резултат од 12%, Монако со 10%, Ерменија со 9%, Азербејџан со 7% и Русија со 6%.
Утре, 17 мај, како во светот така и кај нас, се одбележува Меѓународниот ден на борбата против хомофобијата и трансфобијата (IDAHO). По тој повод, во заедничка изјава, група меѓународни и регионални експерти за човекови права. ги повика државите да стават крај на дискриминацијата и повредите против лезбејки, геј, бисексуалци, транссексуалци и интерсексуални луѓе и оние кои се залагаат за нивните права.
По повод IDAHO-Т 2014, ги потсетуваме државите на нивната обврска да ги штитат, унапредувааат и исполнат универзалните права, без дискриминација. Постоењето на општествено неодобрување на различни сексуални ориентации и родов идентитет не оправдува дискриминација или насилство против ЛГБТИ луѓето.
Обединетите Нации во своето видео ги охрабрија луѓето да ја споделат својата приказна. Секоја приказна, без разлика колку мала или безначајна може да изгледа, сепак може да допре до срцата и умовите и да ги промени на подобро. Оттаму, потсетуваат дека сите ние сме темелот на ова движење за еднаквост.
Петар Стојковиќ