Девојче на крстосница продава знаменца. На Македонија. Возачите ретко ги отвораат прозорците на автомобилите. Студено е... Деморализираните, демотивирани, депресивни граѓан(к)и немаат ни време, ни желба за јавно искажување на симпатии кон Татковината. Живееме во земја во која веќе од поодамна, ни на спортски натпревари нема патриотски занес... Изгледа е вистина оти Македонија најмногу се сака од дистанца, од сигурно, онака – носталгично, со солзи за „стари крај“, ептен патриотски, таму, од САД, Канада, Австралија, Нов Зеланд...
Утрово, додека семафорот беше „на црвено“, едно девојче му понуди на таксистот знаменце на Македонија. Се зачудив и оптоварен како што сум од предизборната ѓурултија, веќе заустив дека е срамота на ваков начин некоја од партиите да ни продава ѓоа-патриотизам (оти знаев дека не е државен празник, а кај нас, и тогаш често не се истакнуваат знамиња), кога таксистот, и не отворајќи го прозорецот, подналутено му одмавна на девојчето со раката, па зема да ми објаснува дека на ливчето пишува оти девојчето е глувонемо и дека знаменцето го „разменува“ за една банкнота.
Иако со години наназад сум навикнат на сцените од скопските улици, во кои смрзнати, мрсулави деца питачат или нудат л’снување на шофершајбните, под будното око на нивните шефови, ова ми беше новост, а идејата на девојчето за обезбедување средства на ваков начин, ме изненади. Зашто, играњето на патриотска карта во Македонија, главно врви низ предизборните ветувања без исаф и одговорност, а во пракса, едноставно – не носи пари. Деморализираните, демотивирани, депресивни граѓан(к)и немаат ни време, ни желба за јавно искажување на симпатии кон Родината... Живееме во земја во која веќе одамна, ни на спортски натпревари нема патриотски занес (а колку малку ни треба за еуфорија, илустративно докажаа „Меклејбовски“&comp. во епизодата „Леле, луѓе, што направивме“) и фудбалските стадиони, на пример, може да ги наполни само противник со големо име. Знамињата на Македонија (освен на некои митинзи каде ги врзуваа и со албанските, турските, српските, ромските знамиња..., што беше ептен убаво за око), главно се веат или само во предизборието, или перманентно, на гигантските столбови од проектот за билдање на новокомпонирана национална свест (идентитет?) и на квазипатриотизам - „Скопје 2014“. И толку.
Таксистот од почетокот на приказнава, до крајот на возењето ми се правдаше дека не е нехуман, иако стоте денари му се многу за знаменце, туку, дека е скептичен: дали девојчето напишало вистина на ливчето и се работи за лице на кое му е неопходна помош, или се работи за класична алаш-вериш урбана приказна, за купи ефтино (знаменце, во случајов) – продај поскапо...
„Не сакам бе, да ми растат рогови! Доста не лажат тоа политичарите, па сега, и децава ли да не ‘работат’?! Што народ ќе бевме? Секогаш ќе помогнам, ако можам, ама не трпам лажење...! Во ништо веќе не сум сигурен“, ми ја објаснуваше својата реакција таксистот, фото-робот на измамен Македонец кој дува и на маштеница.
Се обидов да му контрирам дека не верувам оти е во прашање далавера, дека просечен млад човек во Македонија и без дополнителен здравствен проблем, ако не сака да облече дрес на партијата која е на власт, главно мора да се снаоѓа како знае и умее - за да преживее, па дури и ако тоа значи мрзнење на максимално загадените скопски крстосници и продавање услуги, дребулии.... Му потенцирав дека јас сум скептичен само околу изборот на девојчето, околу предметот што го продава, за да добие помош од возачите. Зашто, едноставно, не верувам дека голем дел од нив, ќе бркнат в џеб – за знаменце. (Настрана што мислам за дијзанот на државното нѝ знаме, какво е – такво е, кога веќе не го сменивме, сега треба да го почитуваме, сé додека е „важечко“, а и новиве генерации се свикнаа на него, значи, не поради самото знаме, туку поради односот кон државата, кон Татковината, која и премногу често, токму кон своите чеда се однесува како арогантна и немилосрдна маќеа од сказните...)
А таксистот, резигнирано ми возврати дека изгледа е вистина оти Македонија најмногу се сака од дистанца, од сигурно, онака – носталгично, со солзи за „стари крај“, ептен патриотски, таму од САД, Канада, Австралија, Нов Зеланд... Каде, нели, не се дава името, се „гине“ за антиката&барокот и се пренесуваат народните преданија за „библиската Македонија“...
Му дадов за право. Оти, деновиве го прочитав и графитот „Идам да се надминам!„ и првата реакција не ми беше - „срце ме боли!“, за стотиците илјади умни, едуцирани и храбри млади луѓе кои заминуваат со еднонасочни билети, бегаат засекогаш (во крикот на еден родител во северното ни соседство, варијантата беше „Ови иду, да оду!“), туку - бес. Кон оние, „патриотите“, кои четврт век, ни мавтаат со знамето и знамињата пред очи, за да нé заслепат, да не забележиме дека се неспособни коркачи, безидејни и некреативни типови, заталкани во политиката (во последнава деценија, за жал, и невидени арамии, без исаф!), кон сите кои ја избркаа „иднината на Македонија“, за да можат полесно да владеат со апатичниот молк и во наметнатиот страв на „преостанатите“...
Но, колку и да сум лут, сепак, ме окуражи пораката на авторите на графитот дека меѓу избрканите млади луѓе, има и такви кои заминуваат – за да се надминат! Себеси. Таму, каде што ќе им дадат шанса, ќе им овозможат да се искажат, да се докажат, да се надминат... Нека им е со среќа...