„Бла Бла Бла…“ се рок бенд од Скопје. Формирани во 1988 година, по речиси тридецениско опстојување на рок сцената, до сега имаат издадено повеќе албуми и забележано повеќе самостојни концерти, како и настапи на десетици големи фестивали во земјата и надвор од неа.
Кај публиката во регионот уживаат статус на култен бенд, кој не кокетира со популарноста и не прави компромиси со својата уметност. Честопати со нивните настапи демонстрирале општествен ангажман. Последен пат тоа беше со нивниот самостоен концерт минатата година, на кој собираа средства за бегалците од Сирија, а учествувале и во многу граѓански иницијативи, проекти и концерти посветени на мирот и соживотот, како и на правата на лицата со посебни потреби.
Пред нивните настапи на Караванот на слободата во Куманово на 2 септември и во Штип на 16 септември, со Идриз Амети, лидер на бендот, зборуваме за неговите ставови за уметноста и слободата.
ЦИВИЛ Медиа: Што за вас претставува слободата?
Идриз Амети: За мене слободата е чувство. Баш наваму кога доаѓав во кола имав пуштено Каетано Велосо и се чувствував така слободен. Ми беше многу добро, отворив прозор, гледам луѓе се движат, прекрасен сончев ден. Значи тоа е чувство. Ако се чувствуваш слободен тогаш си слободен. Ако не се чувствуваш така, тогаш џабе е се! Во нашата држава, во реалноста, би рекол, таа слобода не се чувствува многу. Таа слобода е некако, многу со закони, многу со цензури. Јас би рекол дека таа слобода и не постои. Како што не постои ни вистината. Да се стигне до таа слобода, јас мислам дека е скоро невозможна мисија и затоа мора да се чувствуваме слободни. А за да се чувствуваме слободни, треба да слушаме добра музика, да читаме добри книги, да гледаме добри филмови и да се образуваме секако.
ЦИВИЛ Медиа: Колку уметникот треба да жртвува за слободата?
Идриз Амети: Јас не жртвувам многу. Јас откако знам за себе свирам во бенд, се собираме, го правиме тоа што го сакаме. Кога треба да го покажеме тоа што го правиме, понекогаш наидуваме на некои работи кои за нас се чудни. Најверојатно така функционираат работите тука. Излегуваме надвор и гледаме дека тоа што го правиме е еднакво на илегала. Но, не се жртвуваме. Не се жртвуваме затоа што го правиме тоа за нас, го правиме тоа затоа што добро се чувствуваме. Убаво ни е!
ЦИВИЛ Медиа: Дали сметате дека уметниците во Македонија се активни во промените во општеството?
Идриз Амети: Мислам дека не. Би почнал од самиот себе си, за овие скоро триесетина години како што постоиме, имаме направено само еден хуманитарен концерт. Тоа беше она Refugee welcome во декември. Сакавме тоа да го направиме со повеќе бендови и да бидат вклучени некои институции. Тоа беше скоро невозможно, а многу сакавме да го направиме тоа и го направивме сами. Немаме сила да правиме нешто повеќе сами. Да се вклучат други луѓе и институции е малку тешко, а би биле тука спремни за било што да се направи. Што се однесува до текстовите и до концертите каде ги правиме, се малку ангажирани. Сега во новиот албум малку сме и политички ангажирани. Меѓутоа, не е тоа тоа, што би требало да биде во оваа земја која се стреми да никне.
ЦИВИЛ Медиа: Која е вашата порака за Караванот на слободата?
Идриз Амети: Нека дојдат луѓето да чујат добра музика. Веројатно ќе им се отвори некоја чакра додека не слушаат и додека ги слушаат бендовите таа вечер, и ќе им текне дека нешто треба да направат добро во оваа држава. Да направат првин за себе си добро, а потоа и за другите. Да слушаат добра музика и да се забавуваат.