Илјадници Албанци на масовен протест во Скопје

Над 15 илјади граѓани – Албанци протестираа денеска во Скопје, во организација на Опозицискиот совет и неколку албански опозициски партии и невладини организации. Маршот под мотото “Ден Д – Правда, демократија, достоинство” започна во паркот во Чаир, а демонстрантите потоа маршираа до Владата на РМ.

AL protest 01Официјалната програма на протестот пред Владата започна со интонирање на албанската химна. Потоа беа прочитани барањата на протестот, чија клучна поента беше дека Албанците бараат да ги имаат истите права како Македонците, ни помалку, ни повеќе. Говорници на собирот беа Орхан Муртезани од Опозицискиот совет, претседателот на Движењето Беса, Биљал Касами, додека последен на присутните им се обрати писателот Ким Мехмети.

„Албанците сакаат eвропска алтернатива. Никој не смее да ја попречи работата на Специјалното јавно обвинителство, а Иванов треба да ја повлече аболицијата. Итна потреба е и формирање на Специјален суд. Избори треба да има само кога ќе се исполнат сите услови. За Албанците во Македонија тие се неприфатливи без вистинскиот глас на Албанците. А вистинскиот глас на Албанците е тука на овој протест“, рече Муртезани.

Лидерот на Беса, Билал Касами посочи дека на денот на кој што требаше да заеднички да ја прославуваме победата против фашизмот во рамките на Европа како нејзини еднакви граѓани, наместо тоа граѓаните мораат да бидат пред Владата за да покажат дека токму тука се најмногу погазени европските вредности. „Оваа земја стана место каде што претседателот помилува криминалци. Премиерот е главниот криминалец. Земја каде што претседателот на Собранието се потсмева со претставниците на народот. Овие политичари Албанци кои се вазали на власта не се нашиот глас. Времето на оваа власт е веќе поминато“, истакна Касами, додавајќи дека сега демонстрантите се дојдени тука и ќе се разотидат мирно, но дека никој не смее да си игра со „бесата“ на Албанците повеќе, оти тоа е игра со оган.

Ким Мехмети неколку пати реферираше на изминатите 26 години и на сите неуспешни обиди на Албанците да ги решат своите проблеми преку политички методи. Тој им се извини лично на демонстрантите, особено на младите Албанци, бидејќи како што рече, и тој, а и многу од повозрасните придонеле за да бидат на власт тие што денес ја уништуваат државата „Оваа држава затвора луѓе за векна леб, а ги ослободува криминалците кои го ограбија народот и државата. Македонија не може повеќе да се гради со затворање Албанци, затоа што ако продолжи така ќе скапе државата“, додавајќи дека никој повеќе не смее да си игра со оваа младина, затоа што ако гневот на младите Албанци се излее низ улиците, Скопје ќе се урне.

“Али предавникот, Муса предавникот“ беше најчестата парола која се извикуваше од демонстрантите, заедно со извиците „УЧК, УЧК“, кои најчесто доаѓаа од помладите учесници на протестот,  и бргу стивнуваа по прекорите од повозрасните. Неколкуте обиди за извикување „етничка Албанија“ не беа прифатени од демонстрантите.

Меѓу паролите и транспарентите што ги држеа граѓаните за време на протестот можеа да се забележат натписите „ВМРО + ДУИ = Конец“, „Стоп за државниот терор“, „Против ДУИ сум, затоа што сум со САД и ЕУ“, „Подобро да протестирам, отколку да емигрирам“, „Збогум ДУИ“... Доминираше албанското знаме, но се вееја и повеќе знамиња на Европската унија.

На протестот беше присутно и раководството на Движењето за реформи на ДПА кое го поддржа протестот со присуство, но на нив не им беше дозволено да бидат на чело на протестот со останатите организатори. Протестот заврши мирно и без инциденти.

Р.Ц.М.