Државната изборна комисија го усвои извештајот за пријавите на спорните гласачи и во Избирачкиот список повторно запиша 1.517 граѓани, стои во заклучокот што го потпиша и објави комисијата. Ќе има ли и други кривични пријави, како онаа на професорката Мирјана Најчевска, за ускратување на законски гарантираното право, и за отстранување на дури 28.341 избирач од Избирачкиот список, без законски загарантираната процедура и без соодветни аргументи?
Спорни остануваат записите на 28.341 граѓанин кои нема да бидат запишани во Избирачкиот список! Се поставува прашањето, како овие 28.341 избирач, ќе го остварат своето право на глас, бидејќи, меѓу нив, има граѓани кои досега немале никаков проблем и редовно гласале на досегашните избори?
Таков „случај“ е професорката Мирјана Најчевска која за ЦИВИЛ Медиа изјави дека веќе поднела кривична пријава.
„Најстрашното е тоа дека бришењето се прави само за изборите. И дека потоа, тие гласачи ќе бидат вратени?! Тоа значи дека не е направена проверка, дека не е направено вкрстено проверување - дали навистина постојат тие луѓе или не. Туку, ете, некому му паднало на памет да ги брише, и по изборите, повторно ќе ги врател во Избирачкиот список?“, вели Најчевска.
Најчевска која сé уште фигурира како фантомски гласач, поднела кривична пријава и ги охрабрува граѓаните кои го имаат истиот проблем, да поднесат кривична пријава до Основното јавно обвинителство.
„Јас ги посоветував сите да поднесат кривични пријави. заради тоа што се работи за ускратување на законски гарантираното право и без соодветна процедура и без соодветни аргументи коишто се дадени во Уставот и во законот, избирачите се отстранети од Избирачкиот список. Сметам дека навистина треба индивидуално луѓето да поднесуваат кривични пријави до Јавното обвинителство, за да можеме тоа да го подигнеме на едно повисоко ниво и да го разрешиме како ограничување на основното човеково право. А не - како некаков техникум со којшто, во моментов, се вадат“, вели Најчевска.
Исто така, на вчерашното повторно разгледување на пријавите со кандидатските листи, ДИК реши да ги отфрли листите на Социјалдемократската партија (СДПМ) која како носители на своите листи има кандидати со исто или слично презиме на носителите на листите на СДСМ, како и листите на Народно движење за Македонија (НДМ), во кои ДИК констатирала неправилности во сите кандидатски листи: изјави за прифаќање на кандидатури за пратеник без датум и без податоци за кои избори се поднесени, како и разлики во потписите на изјавите за неосудуваност и за прифаќање на кандидатурите!
Маја Ивановска