Имитација на животот

На една од средбите на комесарот Јоханес Хан со претставниците на „мрачните, предавнички сили“ на 18 септември, пред присутните презентирав накратко анализа за тоа што ни се случува и препораки за тоа што треба да се направи за да излеземе од политичката криза. Една од непобитните констатации беше дека договорот од Пржино не се спроведува. За тоа беа свесни и самиот комесар и гулабите на неколкуте преживеани дрвја околу седиштето на ЕУ во Скопје. Беа свесни и сите што врз својот грб ја чувствуваат чизмата на власта. И тие што се онеправдани, и тие што добиваат коски од мрсната трпеза на расипниците кои десет години ја тормозат и ја ограбуваат оваа земја. 

Пишува: Џабир Дерала

Пишува: Џабир Дерала

Договорот не се спроведуваше од првиот миг. Напротив, апаратусот на државата цврсто стиснат меѓу канџите на Партијата и послушничките сателити, уште посилно и повулгарно реши да се пресмета со слободата на граѓанките и граѓаните. Послушнички сателити се, претпоставувате, Мендух Тачи кој му е верен до смрт на Сашо Мијалков, а другиот е Али Ахмети, кој би урнал цело село, ако не е по „законот“ на неговиот стопан, Никола Груевски.

А договорот од Пржино се потпиша за да се надмине политичката криза која трае од 2008 година, кога се одржаа првите вонредни парламентарни избори во декадата на Груевски. Избори кои беа „касапаана“ како што тогаш ги нарече едниот од послушниците.

Договорот, уредно спакуван среде лавиринтот од скандалозниот гнилеж на власта и стравичните настани кои му претходеа, требаше да биде гаранција за први слободни избори по речиси една деценија симулациски игри на тема демократија во Република Македонија.

Изборите во оваа земја беа сѐ и сешто, од ефикасно спроведени, до проблематични, но не и демократски, фер и слободни. Беа украдени, колку методично, толку и бескрупулозно, со злоупотреба на сѐ што му припаѓа на народот, а најмногу со газење на човечкото достоинство и со диво поигрување со животите на беспомошните и сиромашните.

Какви беа парламентарните, такви беа и локалните и претседателските избори. И на таа средба со бриселскиот комесар, меѓу другото, му пренесов и нешто што цела година го слушав на студените улици пред онаа одвратна торта од влада и пред собранието, додека протестираа илјадници жедни за слобода. А тоа беше: „Некој треба да му каже и на Иванов!“ И тој треба да си оди, бидејќи Партијата му го подари мандатот со жестока манипулација. Локалните избори – исто.

Комесарот немаше забелешка на тоа. Дури и се насмевна. Единствено на што комесарот цврсто се држеше беше дека 24 април е зацементиран и дека треба да се спроведе договорот од Пржино/ И толку. Избори? На 24 април. Тоа беше на 18 септември. Затоа, не изненадува неговата последна реакција. Цена? „Права ситница“ – би рекол Сир Оливер од стрипот Алан Форд. Цената е нова, уште подраматична криза која Македонија може да ја одведе таму кај што просечен граѓанин на оваа земја не би сакал да ја види. Но, тоа е Македонија, една грутка земја, на периферијата на Тврдината Европа.

Оттогаш па наваму, со судни маки, поточно, по безброј опструкции, блокади, надмудрувања и гангстерско однесување, се спроведе точката за Специјалното јавно обвинителство, се формира Државната изборна комисија и се назначија неколку опозициски министри и заменици. Тоа што можеби најмногу му пречеше на Груевски и на неговата тајфа, беше токму тоа назначување. Брзо по назначувањето на опозициските министри во владата, почна да излегува рѓата на власта на виделина. Со последниот потег, со благослов од бриселскиот комесар, таа пречка е премостена.

Во познат манир, ноќе, ефикасно, Груевски ги повлече за уши и врат своите понизни апаратчици во парламентот и направи што сакаше. Молчаливиот претседател, послушно го назначи новиот мандатар, лојалниот партиски апаратчик, Емил Димитриев, да формира влада до избори. Студено, искалкулирано, арогантно и со насмевка, си поднесе оставка премиерот на држава која самиот ја турка во бездна, само тој да е неприкосновен владетел.

Дали ќе имаме избори? Не. Нема да има избори. Тоа ќе биде лоша имитација на изборен процес, како што поголемиот дел од „народот на Груевски“ и сите „останати“ клечат во правта на лошата имитација на животот.

До новиот бран на незадоволство, по кое тој нема да добие столче на преговарачка маса, туку онаму каде што се дели правда.

Џабир Дерала

 

Објавено во печатеното издание на „Слободен печат“ на 20 јануари 2016 г. и во Плусинфо.
Print Friendly, PDF & Email