Институциите молчат за случајот со д-р Поповски

Д-р Нестор Поповски шеф на интензивна нега на Клиниката за токсикологија вчера сведочеше за ЦИВИЛ Медиа за немилиот инцидент кој, според него, се случил на состанок на Колегиумот во средата (23 март) наутро. Поповски се пожали дека економскиот директор Никола Ташев вербално го навредил и физички го исфрлил од состанок.

Редакцијата на ЦИВИЛ Медиа утрово испрати прашања до Лекарската комора на Македонија:

-Дали до вас е доставена претставката на д-р Поповски и што ќе преземете по тој повод?

-Колку Комората е способна да ги заштити своите членови, лекарите, од вакви и слични напади и мобинг од претпоставените економски директори?

-Какви ќе бидат следните чекори на Комората, во поглед на барањата упатени кон  Министерството за здравство за разврска на овој и сличните случаи?

Испративме прашања и до д-р Горан Димитров, претседател на Македонското лекарско друштво:  Каков е Вашиот став за инциндентот со д-р Нестор Поповски и економскиот директор Никола Ташев на Клиниката за токсилогија и што ќе преземе Македонското лекарско друштво по тој повод?

Одговор не добивме ниту од Лекарската комора, ниту од д-р Димитров од МЛД. Институциите молчат за настанот.

Единствен одговор кој ЦИВИЛ Медиа го прими утрово беше демантот на Клиниката за токсикологија кој, освен до ЦИВИЛ, бил испратен и до Лекарската комора, Македонското лекарско друштво и Синдикатот на Клинички центар.

Во демантот е наведено дека  немало физички контакт и дека економскиот директор Ташев со повисок тон го отстранил докторот од состанокот.

Д-р Поповски рече дека не сака да поднесува тужби, ниту кривични пријави, но решил да го пријави случајот во професионалните лекарски здруженија, до раководството на Клиничкиот центар и до Синдикатот.