Институциите се прогласуваат за ненадлежни за случајот Талески!

Дали додека беше во куќен притвор, градоначалникот на Битола, Владимир Талески, обвинет во случајот „Транспортер“ за злоупотреба на буџетски средства за јавен превоз, што го отвори Специјалното јавно обвинителство во јуни годинава, направил ново кривично дело, или постапувал согласно со законската регулатива? Одговор на ова прашање, засега неуспешно, бара од институциите, советничката во Советот на Општина Битола, Габриела Илиевска, од ВМРО-Народна партија.

Илиевска изминативе месеци се обратила писмено со барања до Основниот суд Скопје 1, Апелациониот суд - Скопје, Специјалното Јавно обвинителство, Собранието на Република Македонија и Советот на Општина Битола.

gabriela1

Габриела Илиевска

„Барање поднесов и до Народниот правобранител на Република Македонија во Скопје, согласно со уставните надлежности и овластувања, да поднесе барање до Собранието на Република Македонија, преку Законодавно-правната комисија, да се даде толкување во писмена форма за примената во пракса на членот 163 од Законот за кривична постапка, којшто го третира определувањето на мерката за обезбедување на присуство на обвинетиот на главната расправа - куќен притвор“, изјави Илиевска за ЦИВИЛ Медиа.

Според неа, треба да се расчистат прашањата - дали Талески, по изрекување на мерката-куќен притвор, имал право да потпишува документација од станот каде се спроведуваше мерката? Дали други лица без дозвола на судијата на претходна постапка, смееле да го посетуваат, да му ги доставуваат документите на разгледување и потпис и дали смеел при подигнато обвинение за сторено кривично дело „Злоупотреба на службена должност и овластување“ од член 353 од Кривичниот законик да раководи со Општина Битола од неговиот дом?

На доставените барања до институциите, советничката во битолскиот Совет, одговор добила само од Собранието на Република Македонија, во кое ја известиле дека согласно со член 175 од Деловникот на Собранието, таа нема право да бара автентично толкување на закон. Во одговорот од Апелациониот суд - Скопје се вели дека овој суд не е надлежен да дава мислење во однос на нејзиното барање. Крајно незадоволна од односот на институциите, Илиевска е категорична во ставот, дека ќе ја продолжи борбата за вистината.

„Институциите со своите одговори се изјаснуваат дека не се надлежни за своите надлежности. Очигледно е дека имаме институционална нефункционалност. Затоа, мојата битка за вистината продолжува понатаму“, изјави Илиевска за ЦИВИЛ Медиа.

Моника Талеска