Со 11 милиони денари (околу 178.000 евра), пари од граѓаните и фирмите кои се слеваат во општинскиот буџет, Општина Прилеп ќе гради мала училишна зграда во населбата Сточен пазар. Деведесетина дена пред најавените избори на 11 декември, е поставен камен-темелник и се одржаа свечени говори. Зошто,токму сега?
Според информациите од Одделот за односи со јавност, објектот којшто ќе биде наменет за ученици до петто одделение, ќе има три училници, канцеларии за персоналот, санитарни простории за децата и персоналот... Според планот, во дворот ќе има уреден спортски терен, училници на отворено и простор за одмор.
„Со ваков инфраструктурен зафат ќе им се олесни работата и на родителите и на учениците до петто одделение, кои засега пешачат и патуваат со автобус до училиштата, оддалечени повеќе од два километра во една насока. Градоначалникот Марјан Ристески посочи дека, локалната самоуправа и во иднина ќе продолжи да инвестира во образованието, бидејќи тоа е основата за развој на младата популација“, соопштија од Одделот за односи со јавност на Општина Прилеп.
Но, кога се во прашање ресорот образование и грижата на локална власт за учениците, и натаму е нејасно, зошто се уште ниту Одделот за односи со јавност, ниту градоначалникот Ристески, ниту надлежните од неговиот кабинет, не одговорија на прашањето: каде се парите за превоз на средношколците од руралните средини? Ова прашање е очигледно „забрането“ и за директорите на средните училишта. Никој не ни одговори на повиците, ниту на пораките.
Каква е таа грижа на локалната власт за образованието, кога учениците од свој џеб го плаќаа превозот, а власта не ги крева телефоните за медиумите (иако треба да работи транспарентно) за да одговори каде се парите за ланскиот превоз! Инвестицијата за ова подрачно училиште ќе биде 11 милиони денари, а десетина од оваа сума, значи, над милион денари, се неисплатените средства на превозната фирма „ДАНИ-транспорт“ за минатата година. Парите на фирмата, требало да и ги исплатат училиштата, но тие биле доведени во тесно, зашто Општината не ги трансферирала парите кои редовно ги добивала од Министерството.
„Општина Прилеп не им префрлила пари на училиштата, затоа тие не ми платија цела година, од октомври наваму - ниту денар. Јас реков дека нема да возам и натаму без пари, а тие ангажираа по неколку дена, друг превозник, пред да заврши тендерот за годинава“, вели Слободан Велјаноски, сопственик на „ДАНИ-транспорт“.
Протестирајќи против злоупотребите на власта, деновиве прилепската опозиција, побара уште еден одговор од локалната власт - зошто не се уредени санитарните јазли во ОУ „Гоце Делчев“? Општина Прилеп, најави проект за следната година, со тоа признавајќи дека навистина во овие три мандати, и покрај сета, главно предизборна, грижа за образованието, не успеала да го реши проблемот со санитарните јазли во ова училиште.
Зошто токму сега, пред избори, локалната власт и градоначалникот Ристески држат говори пред мештаните во населбата Сточен пазар. Зошто пред избори фрлаат лопати, а овој проблем им е познат многу добро, сите овие години? Зошто Ристески и локалната власт не успеаја во три мандати да изградат училиште од 170-ина илјади евра, и да им ги скратат маките на граѓан(к)ите од оваа населба, а толку големи суми и донации секоја година се собираат за сармијади, пивопиенки и скарајаденки, за исплата на турбо фолк ѕвезди од регионот, кои ги плаќаат со астрономски суми, додека градот се задушува во чад и алкохолни испарувања. Нема дилема дека темелите за ова подрачно училиште се копаат сега, зашто е време за собирање гласови по препознатливиот за оваа власт - популистички метод. А речиси сигурно има и ветувања и за вработување на нови партиски кадри во училиштето. Методите се познати, а инструментот е проверен: државните ресурси се ставаат во функција на партиски интереси.
Моника Талеска