Синани: ДУИ има диктаторски став кон ТВ „Шења“!

По објавувањето на информацијата дека во основното училиште „Јашар Беј Шкупи“ во Скопје е отворен изборен штаб на Демократската унија за интеграција, новинарите на ТВ „Шења“ се соочија со притисок од партиските активисти. Во разговорот за ЦИВИЛ Медиа, главниот уредник на ТВ „Шења“, Исмаил Синани, изјави дека го споделува ставот на претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, дека „ДУИ се однесува како ИСИС кон објективните медиуми, кои не се под нивна контрола“.

„Да бидам искрен, за волја на вистината, досега кога ќе ме прашале дали имате притисоци од владејачката партија, одговарав дека како новинар не го имав почувствувано. Очигледно, во последните две години, кај ДУИ има некоја нервоза која мислам дека треба да се објасни, не само политички, туку и психолошки. Јас не сум психолог и нема да навлегувам во тоа, меѓутоа, вистината е дека нашата екипа имаше притисок на 21-ви ноември, откако ја објавивме информацијата дека во ОУ 'Јашар Беј Шкупи' е отворен штаб на ДУИ. Случајот го откривме на 19-ти ноември и го објавивме на нашиот портал, меѓутоа, поради законските пречки, таа информација не бевме во можност да ја објавиме и во етер, на телевизија. Се плашевме дека може да се соочиме со законот, бидејќи знаеме во каква држава живееме. Понекогаш законите знаат да бидат многу ексциплитни, па за мали нешта да добиеме огромни казни за електронски медиум. Ние чекавме да дојде 21-ви ноември, за да имаме право да се занимаваме со изборната кампања, нашата екипа беше таму, и сакавме да го проследи настанот, но се соочивме со притисок од луѓе-приврзаници на ДУИ кои беа околу штабот. Тој притисок треба да се гледа како последица на сето тоа, затоа што тоа е инцидент. Најчовечки е новинарот да го чувствува таквото однесување како притисок, затоа што се работи за млади луѓе на кои на крај памет не им паѓа дека челник на некоја политичка партија ќе се однесува така кон нив - за една информација која е од општ и јавен интерес. Јас не можам да сфатам како господата од ДУИ коишто имаат 14–годишна политичка кариера и искуство, можеа да си дозволат да си отворат штаб во основно училиште?! Навистина, за мене, како новинар кој две децении работи и се занимава со оваа професија, тоа е несфатливо!“, резигниран е Синани.

Според него, најлошото е тоа дека ниту еден од челниците на ДУИ не се оградил од притисокот што го вршеле нивните активисти врз екипата на ТВ „Шења“ на терен.

„Се работи за една политичка партија којашто цело време, како параван во нивната политичка кампања ја користи ЕУ, евроатлантските интегративни процеси и САД како најголем експортер на демократијата. Зборуваат за некоја западна демократија, а како што впрочем, рече и колегата Насер Селмани од Здружението на новинарите, кога го осуди настанот, 'ДУИ понекогаш се однесува кон медиумите како ИСИС'. Значи, тоа е жалосно“.

Според Синани, нивата информација била споделувана од бројни медиуми, освен од оние кои се во директна контрола на ДУИ. Но, немало адекватна реакција.

„Во нормална држава треба самите институции да преземат нешто и да дојдат да нé прашаат нас - што ви се случува? До денес, никој не дојде да нé праша... Оградување и осудување имаше само од ЗНМ, и сега, дојдовте вие од ЦИВИЛ“.

Синани сепак, вели дека имало и позитивната страна од настанот, затоа што штабот на ДУИ е затворен, со што тие, како медиум, постигнале одредена цел.

„Но, повторно ќе спомнам дека од ДУИ не се јавија да се извинат или да не прашат што се случило... ДУИ врши и поинаков притисок врз 'Шења', ние постоиме 370 дена во етерот, и само еднаш досега гостуваа господата од ДУИ. Ниту министрите, ниту пратениците, а да не зборувам за претседателот на ДУИ... Тие спроведуваат тотален бојкот кон ТВ 'Шења'. Нашиот објективен став да известуваме, тие они го гледаат како опозиционен став. Тие сметаат дека ако ние објавиме оти некој министер на ДУИ изел бифтек од 5.200 денари, тоа е опозиционен став...“

Синани го наведува и примерот со изјавите на Али Ахмети за официјализирање на албанскиот јазик во Македонија.

„Ги собравме изјавите на Ахмети во поседните 6-7 години, еднаш вели дека е официјален, втор пат дека не е официјален, трет пат дека е донекаде официјален, четвртиот пат вели дека наредниот мандат ќе го официјализира... Кога ги собравме сите тие изјави, ги објавивме во еден прилог, и тие сметаа дека тоа е опозиционен пристап?! А ние, само пренесовме што ветил господинот Ахмети во последните шест, односно, осум години. Ако во ДУИ сметаат дека објавувањето на информациите е опозициски став, тогаш, јас велам дека тие имаат диктаторски став!“

Текст и камера: Дехран Муратов