Ќе истражува ли „Код“ за понижувањето на 12 професионални новинари во Телма?

Телма и се закани на Телма?! Менаџментот на овој национален медиум, вчера донесе одлука, со која од јули, ги укинува работните места за дванаесет врвни професионалци, уредници и новинари. Во ТВ Телма веќе нема место за втемелувачите на медиумот, којшто беше синоним за објективно, навремено, точно, вистинито и балансирано информирање, модел за македонското новинарство..., нема место за  новинарите со дигнитет, виртуозите на новинарскиот занает кои филигрански посветено, негуваа исклучителен граѓански концепт со посебен осврт на културните случувања од највисока категорија.

Monika Taleska

Пишува: Моника Талеска

Управителот и главен уредник на Телма, Атанас Кировски, не најде време да одговори на  повиците на ЦИВИЛ Медиа, околу мотивите за ваквата, според вработените, шокантна одлука за фактички - нивно прогласување за технолошки вишок. Новинарите сметаат дека менаџерскиот тим, не спроведува нечии политички одлуки, туку свои политики на `чистка` на автентичната кадровска база на Телма и инсталација на целосно нова постава по тој терк.

Оваа одлука, велат, е кулминација на политиката, којашто се практицира изминативе две години, од заминувањето на ексдиректорот Ристо Лазаров. А, општ впечаток е дека Телма се претопува во профилот на некогашната ТВ А1, којашто својата уредувачка политика некогаш ја темелеше и врз шпекулации, полувистини, порачани текстови, сензации, кои беа далеку од стандардите на новинарството.

13313682_1737108663210751_2118720593_o

И, ако не е така, тогаш како може да се толкува фактот, што со одлуката се укинува позицијата - одговорен уредник на Информативна програма на еден национален медиум?!

„Неколегијална и непрофесионална е одлуката на директорот на Телма, Кировски да ги прогласи за технолошки вишок, да ги прати на биро за вработување, да каже дека се укинуваат работните места на 12, речиси сите врвни професионалци, од кои поголемиот дел се присутни од почетоците на оваа телевизија. За мене е многу симптоматичен, молкот на сопственикот на Телма, бидејќи не сакам да поверувам дека е согласен со една ваква профисионална и новинарска егзекуција. Страшно нечовечки е што сé што досега презел Кировски, го прави тоа без должна почит кон долгогодишните работници на медиумот, ниту да извести, ниту да објасни, туку едноставно, се носи одлука и потоа ние дознаваме или од огласна табла или од медиумите. Не можам да ја прифатам квалификацијата дека сме непотребни, бидејќи на кој нормален медиум не му се потребни вистински, докажани професионалци, познати новинарски имиња со долгогодишно искуство?! Ве уверувам дека ова е последниот удар врз новинарството во Македонија, но на нарачателите сакам да им порачам дека пак ќе не гледаат, слушаат и читаат!“, изјави Емилија Лазаревска, поранешен одговорен уредник на Информативна програма.

13275415_1737108726544078_1821411113_o

Како што тврди одговорниот уредник на програмата за култура и уметност, со оваа неславна одлука на менаџментот на Телма, всушност, се затвора целата редакција за култура, којашто беше еден од брендовите на медиумот и според новинарскиот кадар и според префинетата културна понуда.

„Шокиран сум од одлуката 12 колеги од кои повеќето не само што се самите брендови, туку и личности - кои не само што го втемелија, туку и го изградуваа брендот ‘Телевизија Телма’ во текот на цели 19 години - вака безочно да бидат елиминирани од професионалната актива на Телевизијата. За мене е неприфатливо една телевизија, којашто се гордееше со својата богата програма за култура, со едностран административен акт да биде лишена од неа. Дотолку повеќе што културната понуда на Телма, со петте свои магазински и авторски продукции, беше знак на распознавање, дури и еден од главните поводи за доделувањето на националната фреквенција на куќава. Лично сметам дека една современа телевизија без сегментот Култура, не може да се именува и - културна телевизија, дотолку повеќе што живееме во време на доминантен политички варваризам на една власт, којашто врши притисок врз сите демократски сегменти на јавниот живот, па така, и врз оној на медиумите. Уверен сум дека културата во антикултурни времиња е една на прв поглед финансиски невидлива, но скапа и продуктивна инвестиција од која Телма сега сака да се откаже“, изјави за ЦИВИЛ Медиа, Томислав Османли, одговорен уредник на Програмата за култура и уметност.

Но, кои се ставовите на фелата, на еснафските организации?

Здружението на новинари на Македонија изразува загриженост за последните случувања во ТВ Телма со кои сериозно се кршат социјалните права на новинарите и дополнително се влошува состојбата со слободата на медиумите. Го повикуваат менаџментот да се откаже од намерата и да бара други решенија за евентуални проблеми на компанијата.

„Тврдењата на менаџментот на телевизијата дека укинувањето на работни места се прави поради лошата економска состојба на компанијата се неуверливи. Компанија која има проблем со загуби и превработеност - не вработува нови новинари, а потоа ги отпушта оние кои претходно по десетина години работеле таму. Дополнително, нејасно е кои биле критериумите по кои се водел менаџментот кога ги укинувал работните места. Уценувањето на новинарите да прифатат намалување на платите, ако сакаат да останат на работа е мобинг, кој се казнува со закон. Поради тоа, сметаме дека последните случувањата во Телма се смислена стратегија на менаџментот да ја исчисти информативната редакција од искусни и критички новинари“, оценува ЗНМ.

Oд Самостојниот синдикат на новинари на Македонија целосно се солидаризираат со новинарите, на кои им се закануваат откази.

„Начинот на којшто една национална телевизија, којашто гради имиџ на професионална и независна, се однесува со искусните и професионални новинари е исклучително важен показател за нејзината општествена одговорност и свест за последиците од донесените одлуки. Очекуваме од менаџментот на Телма да биде  исклучок од правилото дека ‘без секого се може и секој сѐ може’, кое на долг рок го троши квалитетот и супстанцата на професијата на која и припаѓаме.

ССНМ нема намера да стои настрана од процесот во насока на заштита на правата на своите членови во ТВ Телма“, е ставот на Синдикатот

Но, денеска  треба да `вреска` целата македонска демократска јавност од гнев, незадоволство и бес, македонската новинарска фела која се бори за враќање на објективното новинарство на сцена! Сите новинари, граѓански асоцијации и партии, треба  да застанат во одбрана, зашто со оваа одлука се погребува македонското новинарство!

Вакви ли се реформите? Има ли кредибилитет тој медиум натаму да известува за имплементацијата на Пржинскиот договор, за какви и да е реформи, по една ваква, срамна одлука, да се `згазат` без никому око да му трепне - 12 професионалци во еден ден !?!

Или, на таа тема истражува екипата на „Код“ која се емитува на ТВ Телма, за следниот понеделник. Или, за овој истражувачки ракурс, „Код“ ќе го затвори објективот, според принципот на секаде присутната селективна вистина и правда?!

Print Friendly, PDF & Email