Иџет Мемети: Македонија има слаб систем за прифаќање на имигрантите

За тортурата која им се врши на имигрантите од Сирија во Центарот за емигранти потврдува и народниот правобранител, Иџет Мемети. Тој за ЦИВИЛ Медиа изјави дека состојбата на имигрантите кои престојуваат во центарот се мизерни. Тој додава дека со сместувањето во центарот почнува нивната вистинска голгота.

„Тие немаат ниту елементарни права, да прошетаат, да контактираат со семејствата. Таму има деца. При нашите посети констатиравме дека имаме слаб систем за прифаќање на бегалците. А додека престојуваат тука им е тешко и никако не можат да ги остваруваат своите права. Две години не е преземано ништо, ниту од формален ниту од реален аспект. Ни законот не е подобрен за да има повеќе стандарди, за да може да остваруваат повеќе права, за да не дојде до вакви катастрофални последици. Од друга страна, ни реалните, всушност сместувачките капацитети не се средени. Македонија не може да го направи тоа, а е должна како држава да го направи. Затоа ни се случуваат трагедии каде што има и жртви. Властите многу малку прават во однос на нивните права за да ги прифатат во однос на стандардите“ – ни изјави Мемети, заклучувајќи дека ја поздравува идејата да се надгради законската регулатива во која би се вградиле и одредби кои би ги овозможиле таквите стандарди.

Арбана Ќерими

Оваа вест е достапна и на: Albanian