Итно откривање на напаѓачите

ЦИВИЛ - Центар за слобода бара од надлежните институции веднаш да реагираат и да ги пронајдат напаѓачите кои претепаа десетина граѓани на централниот плоштад во Скопје и во трговскиот центар Сити Мол. Меѓу нападнатите имало и жени и малолетници! Повредените лица изјавиле дека ги нападнале членови на навивачката група „Комити“.

ЦИВИЛ повикува на брза реакција на МВР, кое треба веднаш да ги пронајде напаѓачите, за низ судска постапка, тие и соодветно да бидат казнети, затоа што само така ќе може да ги сочува безбедноста и мирот на граѓаните. Не смее да се дозволи ескалација на ситуацијата, зачестување на меѓуетничките тепачки и нови, одмазднички инциденти.

Наместо спортска еуфорија, на спортските настани во Македонија, граѓаните често имаат чувство на страв и несигурност. А, покрај инцидентите што се случуваат на трибините, немирите неретко продолжуваат и на улиците и, како и овој пат, страдаат невини граѓанки и граѓани.

Затоа, секој случај на пасивност или бавност на МВР и на Јавното обвинителство, можат да  создадат дополнителен простор за шпекулациите дека овие и слични напади и инциденти се, всушност, оркестрирани од власта.

МВР, но и партиите од коалицијата на власт, мора да дадат одговор на прашањата:

Зошто на натпреварот „Вардар“ – „Шкупи“ кој беше прогласен за средба од висок ризик за која беше изречена забрана за гостување на навивачите на „Шкупи“, сепак било дозволено на северната трибина да бидат внесени водачи на навивачката група „Шверцери“ да ги провоцираат навивачите на домашниоот тим?

Дали навистина група од стотина навивачи од “Шверцери“ била во близина на Градскиот стадион и на салата Кале и за што се подготвувале по натпреварот?

Кој и зошто тоа го организирал?

Во своето соопштение до јавноста, навивачката група “Комити“ тврди дека „со години наназад, нема никаква допирна точка со било која политичка партија во државата, ниту пак поддржува било каква политичка опција“. Но, факт е дека припадници на оваа група досега учествуваа и во низа инциденти вон трибините на спортските терени, а во кои настрадаа и невини граѓани. Таков беше инцидентот во Нерези кога беше нападнато локалното население, претежно етнички Албанци. „Комитите“ учествуваа во меѓуетничката тепачка  на скопското Кале, кога наводно ја бранеа црквата во изградба, а „Шверцерите“ тоа не го дозволуваа.

Делот од соопштението во кое „Комитите“ ги обвинуваат медиумите за едностраност и необјективност, можеби не би требало да се коментира, да не е заканата – да не се „тестира нивното трпение“!? Дали „Комитите“ најавуваат нови инциденти?

ЦИВИЛ апелира до сите граѓанки и граѓани да не подлегнат на провокациите и да дозволат надлежните институции да ја (за)вршат својата работа.

ЦИВИЛ бара од политичките фактори да не продолжуваат со веќе видената стратегија, да не манипулираат со младите без оглед  на етничката и верската припадност.

Оваа вест е достапна и на: English